Ведрана Рудан/Фото: Принтскрин/Инстаграм

Ведрана Рудан со храбра исповед за борбата со ракот: „Денеска се плашам, за првпат се плашам…“

Познатата хрватска писателка Ведрана Рудан ја објава најновата објава на својот блог, каде што отворено проговори за својата борба со ракот, за односот на поединечни лекари кон пациентите и за најдлабоките лични стравови со кои се соочува во болеста.

Текстот, насловен „За боговите“, привлече огромно внимание низ регионот поради суровата искреност и критиката кон здравствениот систем.

На Фејсбук, Рудан го сподели блогот со прашањето: „Зошто пациентите немаат право на олеснителни околности?“.

Рудан пишува дека цел живот била борец кој не се плашел од судови, конфликти или општествени неправди. Но сега, по дијагнозата, за првпат чувствува страв.

„Не се плашам од смртта. Се плашам од докторите. Не од сите, но од некои – од тоа што се ладни и дрски и од тоа што немаат емпатија“, вели таа.

Таа потсетува на научни истражувања според кои студентите по медицина токму на третата година ги губат првите облици на емпатија поради силниот притисок, недостигот од сон и хроничниот замор.

Писателката ја отвора и темата за сопствените трауматични искуства со болестите во нејзиното семејство. Пред дваесет години, нејзината сестра починала во тешки маки.

„Го молев докторот да ѝ помогне. Тој ми се развика: ‘Таа повеќе нема бели дробови’.“

Уште потресно било искуството со нејзината мајка, за која лекарите тврделе дека е „измислена болесничка“ и дека не треба да се реагира на викањето на „разгалена старица“. Ракот ѝ бил откриен само два дена пред смртта.

Говорејќи за својата болест, Рудан открива дека нејзиниот онколог отворено ѝ рекол дека ќе помине низ „пекол“ ако се зрачи, но ја шокирал начинот на кој тоа ѝ било соопштено.

„Не можев да поверувам во злобната нота во неговиот глас“, пишува таа.

Откако почнала јавно да пишува за своите искуства, еден од лекарите престанал дури и да ја поздравува, а за тоа дознава преку сопругот.

Во својата исповед, Рудан нагласува дека нејзината критика не важи за сите лекари. Посебно се издвојува доктор Николиќ, кој ѝ е поддршка повеќе од три децении.

„Доктор, брат, пријател. Ќе се јави сред ноќ од друг крај на светот за да ме утеши“, пишува таа.

Писателката признава дека пред неа следи уште едно лекување во болница и дека ќе побара да не се среќава со онкологот од кого се плаши, иако знае дека тоа е речиси невозможно.

Текстот го завршува со силни зборови: „Ова е најхрабриот текст што сум го напишала. Животот цело време ми беше борба – зошто би се предала сега? Но да се плашам од сопствените крикови во тивката ноќ… да, се плашам“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот