Вечер со Благој Нацоски ќе се одржи во Националната опера и балет

Во Националната опера и балет, на 4 февруари 2023, со почеток во 20.00 часот, ќе се одржи концерт на тенорот Благој Нацоски, насловен „Вечер со Благој Нацоски: првите 20 години“.

Гости на концертот се Наде Талевска, сопран, и Васко Здравков, баритон. Како пијано придружба ќе настапи Јанинка Невчева, а режисер на концертот е Дејан Прошев. Водител ќе биде Огнен Јанески.

На програмата ќе бидат изведени арии од композиторите Џузепе Џордани, Жил Масне, Џоакино Росини, Џузепе Верди, Франческо Чилеа, Џакомо Пучини и други.

Благој Нацоски е најпознатиот македонски тенор, кој веќе 20 години ги освојува сцените ширум целиот свет. Се издвојува по особената музикалност, префинетиот стил на изведба, неговата харизма и впечатливиот сценски настап.

Изминатите години Нацоски бележи огромни успеси во миланската Скала, во Њујорк, Токио, Париз, Парма, Бангкок, Макао, Неапол, Валенсија, Палермо, Кина, како и на светските премиери на оперите „Страв“, „Сега е мрак“, „Дрдорењара на Лапо“, каде ги толкува главните тенорски партии. Особено успешен е и како концертен, односно камерен пејач изведувајќи музика на Шуберт, Шуман, Малер, Брамс во дуо со пијанистот Лука Чамаруги.

Нацоски дебитира во февруари 2003 со настапот на сцената на Римската Опера (Teatro dell’Opera di Roma), како прв Македонец што воопшто настапил во оваа престижна оперска куќа. Од таму неговата кариера рапидно се шири низ целиот свет, настапувајќи во најпрестижните театри низ целиот свет, како „Сан Карло“ во Неапол, „Реџо“ во Парма, Операта во Каљари, „Верди“ во Трст, „Карло Феличе“ во Џенова, Театарот „Масимо“ во Палермо, „Белини“ во Катанија, Операта во Сасари, Цирих Опернхаус, Баварската државна опера од Минхен, Операта во Франкфурт, Државната опера во Штутгарт, Кралската опера „Ла Моне“ во Брисел, Канадската опера во Торонто, Операта во Сиетл, Националната опера во Прага, Операта во Лимож, Гран театарот во Екс Ан Прованс, Театарот „Бунка Каикан“ во Токио, „Сантори Хол“ во Токио, Центарот „Рјутопија“ во Ниигата, Национална опера во Варшава, Градскиот театар во Клагенфурт, Националната Моравска опера во Острава, како и Фестивалите во Салцбург, Мишколц и Халвил.

Во 2008 година е прогласен за „Амбасадор на македонската култура во Италија“, а во 2016 година доби и признание „Човек на годината“ од весникот „Нова Македонија“. Следните негови настапи ги вклучуваат оперите „Адријана Лекуврер“ во Катанија, „Норма“ во Џенова, „Турандот“ во Бари, турнеја во Јапонија, концерти во Мантова и во Удине, известија од Националната опера и балет.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот