Вдовицата на Лери Кинг на суд ќе се бори за тестаментот
Според тврдењата, имотот од починатиот телевизиски водител ќе биде поделен меѓу неговите пет деца, додека последната сопруга нема да добие ништо.
Препорачано
Шон Саутвик Кинг, вдовицата на Лери Кинг, планира да си го бара делот од неговото наследство на суд. Според последните информации, имотот што тој го имал и изнесува два милиона долари, требало да биде поделен меѓу неговите пет деца од различни бракови.
Во документот кој е составен во октомври 2019 година, неколку месеци откако Кинг поднесол барање за развод од Шон, таа воопшто не е спомената, додека неговите сега починати деца Чаја и Енди се меѓу наследниците. Тестаментот е напишан неколку месеци пред тие двајца да починат во рок од неколку недели.
Останатите три деца, Лари Кинг Јуниор, Кенон и Ченс, исто така се наведени во тестаментот. Инаку Кенон и Ченс водителот ги доби во бракот со Шон. Сепак, вдовицата е незадоволна од ова и реагира со тврдење дека таа и Лари веќе имале план, иако тоа не е запишано во легалниот документ.
– Ние имавме многу јасен и прецизен план во врска со имотот, кој го составивме како брачен пар уште во 2015 година. И тој сè уште постои и е легитимен. Јас верувам дека тој план е сосема во ред, а моите адвокати ќе поднесат приговор многу брзо – изјави таа.
Не само што проблемот со тестаментот се комплицираше по смртта на неговите деца во 2020 година, Кинг пред да почине откри дека тој и Шон едно време повторно се зближиле, без да појасни дали го повлекол барањето за развод, кое требаше да има судски епилог во април 2021 година. Во врска со оваа изјава на Кинг, Шон изјави дека таа и сопругот секој ден се слушале и зборувале, но таа никогаш не дознала дека постои промена на неговата последна волја пишана во тестамент.
– Скршена сум – одговори таа на прашањето дали верува дека Кинг навистина го составил последниот тестамент од кој ја исфрла и вели дека ова ги шокирало и нивните синови.
– Тие не се воопшто среќни од ваквиот развој на настаните – открива и вели дека е убедена оти некој друг имал силно влијание врз телевизиската легенда кога го составувал тестаментот, без притоа да даде подетални информации.
Сепак, Шон тврди дека со оглед како се одвивале нештата меѓу нив двајца, таа не верува оти Лари би ја исфрлил од тестаментот само затоа што потпишале документи за развод.
Но, медиумите, меѓу кои и списанието „Пипл“ изнесоа информации според кои Кинг сам го составил документот во кој се наведува: „Ова е мојата последна волја и тестамент. Тој треба да ги замени сите мои претходно пишани и оставени документи. По мојата смрт сакам 100 отсто од мојот имот да биде поделен на моите пет деца, Енди, Чаја, Лари Кинг Џуниор, Ченс и Кенон“. Според ова, Шон може да добие само 300.000 долари откако имотот од два милиона долари ќе биде поделен меѓу живите деца на Кинг.
Портпаролот на Шон не даде изјава за медиумите, додека адвокатот на Кинг изјави дека немаат коментар за тврдењата на Шон и дека тие ќе ја почитуваат и ќе направат сè да се исполни последната волја на водителот, кој имал намера имотот да им го остави само на своите деца.


