Вања пронајдена мртва, убиена е неколку часа по грабнувањето

По преземени опсежни мерки и активности од страна на полициски службеници од СВР Скопје, денеска (03.12.2023) во околината на Скопје е пронајдено безживотното тело на малолетната В.Ѓ., која беше пријавена за исчезната на 27.11.2023, а во околината на Велес е пронајдено и телото на П.Ж.(74) од Велес, кој на 24.11.2023 беше пријавен за исчезнат, соопшти Обвинителството. Во врска со двата случаи, осомничени се пет лица, од кои за три се бара мерка притвор, едно е надвор од државата, а едно лице во моментов е во полициска станица.

Во соопштението е наведено дека претходно, во врска со кривичните дела беше пронајдено опожарено возило „цитроен“ и по извршени вештачења се обезбедени материјални докази за инволвираност на лицата, за што по целосно документирање на случаите, во координација со Јавен обвинител ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави. Од спроведените истражни дејствија утврдено е дека и двете убиства се извршени од истите лица, чиј мотив е „користољубие“. Исто така, од реализираните оперативни мерки е утврдено дека малолетничката В.Ѓ. е земена со возило од влезот на живеалиштето, а од обезбедените информации од распитот утврдено е дека била убиена истиот ден (27.11.2023) околу 10.00 часот.

Веднаш по добивањето на пријавите за исчезнатите лица, преземени се мерки и активности за нивно пронаоѓање, а во СВР Скопје беше формиран и посебен Оперативен штаб, на чело со началникот на СВР Скопје. Извршени се претреси во домови и други простории на подрачјата на СВР Скопје, СВР Велес и СВР Штип, при што пронајдени и одземени се мобилни телефони, компјутери, возило и др., извршени се бројни разговори со семејствата, познаниците, пријателите и лица кои би можеле да имаат било каква информација, а во истражните дејства секојдневно беа вклучени неколку стотини полициски службеници кои работеа исклучиво на овие случаи.

Увид на двете локации каде беа пронајдени телата на исчезнатите денеска извршија јавни обвинители од Основното јавно обвинителство Скопје и од Основното јавно обвинителство Велес. Издадени се наредби за обдукции на телата на жртвите и за соодветна идентификација. Исто така, издадени се наредби за прибирање и вештачење на сите траги и докази од двете локации.

Во деновите по исчезнувањето на двете лица, јавните обвинители издадоа наредби за претреси на повеќе локации, обезбедување снимки од видео надзор, лоцирање врз основа на базни станици, анализа и вештачења на електронските уреди, вештачења на материјални траги и докази, вклучително и автомобилот поврзани со настанот. Сослушани се лица кои би можеле да имаат определени сознанија за настанот и врз основа на сите прибрани докази настанот е расчистен во однос на осомничените сторители и нивните мотиви. По комплетирање на доказите и наредените вештачења, обвинителството против сите осомничени ќе поведе соодветна постапка.

Воедно, наспроти шпекулациите и дезинформациите според кои овој случај има етничка заднина, информираме дека сите осомничени се од македонска етничка припадност.

Јавното обвинителство денеска извести дека од Кривичниот суд побарало притвор за тројца од петте лица што полицијата ги приведе вчера, со цел да биде обезбедено нивното присуство до целосно расчистување на настанот. Обвинителството соопшти дека во текот на целиот ден преземаат дејствија за обезбедување докази во врска со случајот.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски вчера соопшти дека се приведени пет лица поврзани со случајот на исчезнувањето на 14-годишната Вања Ѓорчевска.

Претходно Спасовски информираше дека случајот со исчезнувањето на 14-годишната Вања Ѓорчевска е најважниот приоритет на СВР Скопје и дека е формиран посебен штаб кој работи во секторот заедно со родителите, семејството и со познаниците, пријателите и соучениците на исчезнатото девојче.

Вања Ѓорчевска, 14-годишна ученичка во „Ј.Х. Песталоци“, исчезна во понеделникот, на 27 ноември наутро околу 7.25 часот, на пат кон училиштето. За нејзиното исчезнување јавноста ја информираше нејзината мајка Зорица Ѓорчевска, која сподели драматичен апел на својот профил на Фејсбук дека ќерката ја нема и побара помош од граѓаните. Повикот на мајката беше масовно споделуван од граѓаните, кои загрижено, цела недела будно го следеа развојот на настаните и истрагата на полицијата во врска со исчезнатото девојче.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот