Петти ден стотици полицајци трагаат по Вања во подруми, цркви, манастири, на снимки од камери, се пребарувала и реката Вардар

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска информираше дека случајот со исчезнувањето на 14-годишната Вања Ѓорчевска е најважниот приоритет на СВР Скопје, каде формиран е посебен штаб кој работи во секторот заедно со родителите, семејството и со познаниците, пријателите и соучениците на исчезнатото девојче. Секојдневно се преземаат низа активности, вклучени се неколку стотини полициски службеници кои исклучиво работат на оваа проблематика предводени од началникот на СВР. Целото раководство на секторот е насочено кон оваа активност.

-Преземаме опсежни мерки. Се искористуваат сите можни мерки. Подигнати се камери од повеќе од 50 места, целосно е во функција „Сејф Сити“, потоа се земени сите податоци од телекомуникациските оператори, десетици лица се солушани и од нив се земени податоци. Преземени се електронските уреди од семејството и од девојчето на вештачење, еден дел се земени и имаме одредени податоци од овие уреди кои може да бидат од корист за истрагата и постапката. Секојдневно сме во комуникација и работиме со родителите и семејството. Цел тим работи по цели ноќи до доцна во утрото. Се пребаруваше и речното корито на Вардар, се пребаруваа сите подрумски простории не само во околината туку и пошироко, се работеше на добивање информации од црквите, манастирите кои се близу Скопје, така да, опсежни активности се преземени и тука нема да се застане, увери министерот Спасовски.

Тој особено им се заблагодари на медиумите за објективното информирање на јавноста и заедничката борба против лажните вести што се шират на Фејсбук и во дел од медиумите заради сензација.

-Сите тие профили кои објавуваат лажни вести се детектираат и сите ќе бидат и веќе се повикани во полициска станица. Каде што ќе се утврди дека ја загрозуваат безбедноста и истрагата и придонесуваат да имаме сериозна штета во јавноста – ќе се преземаат мерки заедно со јавниот обвинител. Ова го укажувам зашто ваквите работи не се тема која може да се смета за несериозна или тема со која можеме да се забавуваме како луѓе. Напротив.  Треба да бидеме посветени во добивање на резултат од она што го работиме така што ќе ве информираме детално на дневна основа за сите активности што ги преземаме и што е тоа што во моментот се прави, објасни Спасовски.

Спасовски најави дека наскоро во одделот за форензички испитувања после 30 години за првпат ќе може да се пребаруваат ентитети, покрај со отпечаток од прст, и преку лице (face recognition).

-До 10 декември ќе можеме да го ставиме во функција системот за препознавање на лица а додека надградбата на системот Сејф сити е во тек. Сега системот функционира и сериозно помага, посочи министерот.

Тој денеска беше во работна посета на СВР Скопје, организациона единица која презема мерки и активности на најголемо подрачје од 17 општини. Во 10-те месеци од 2023 СВР Скопје постапувало по 80 илјади пријави, за кривични дела, прекршоци, асистенции, обезбедување јавни собири итн.

Статистичките податоци кои ја отсликуваат безбедносната состојба на подрачјето на СВР Скопје говорат за безбедносна состојба која е на задоволително ниво, при што во споредба со истиот период минатата година, евидентно е намалувањето на бројот на кривичните дела и тоа за нешто повеќе од 3 проценти, што се совпаѓа со генералната тенденција на државно ниво, каде има намалување на вкупниот број на кривични дела за 11 проценти.

Посебно сакам да истакнам дека во 2023 година, СВР Скопје има значајни резултати во борбата против дрогата при што ефикасноста во расчистувањето на кривичните дела од овој тип е 100 проценти, а кај делата од областа на насилниот криминал ефикасноста е 59 проценти. На ова подрачје изминатиот период откриени се 3 нелегални лаборатории за производство на марихуана и амфетамин во март, октомври и ноември годинава. При 129 извршени претреси во дом или во други простории лишени од слобода се 612 лица, поднесени се 125 кривични пријави, а за одбележување е зголемување на заплената на сите видови наркотични дроги и тоа 163 килограми марихуана, 325 стебла марихуана, 3.500 МДМА таблети и 8,8 килограми амфетамин. Во делот на шверцот со оружје како стратешки приоритет на МВР, СВР Скопје бележи 39 поднесени кривични пријави за 43 лица. Класичниот криминал исто така сериозно ефикасно и ефективно се открива, рече министерот.

Тој им оддаде признание на вработените во тимот за потраги на СВР Скопје, затоа што дури 345 лица биле приведени од страна на тимот на СВР Скопје, откако за нив биле распишани потерници за издржување или за доиздржување затворски казни или истражни дејствија на барање на обвинителството.

 

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот