Уживанција на само половина час од Скопје: пита, качамак, јарешко печење, макало, козја моцарела…сè е домашно и свежо, а има и за дома!

На само 20 километри од Скопје, во прекрасната природа на селото Бродец на Скопска Црна Гора, вгнездена е „Етно кујната Вила Елена“, место каде нè само што ќе ги наполните очите со боите на пролетта, и не само што ќе си ги наполните грлата и градите со свеж воздух, туку ќе можете да ги пробате несекојдневните домашни јадења на етно кујната, како и домашните козји производи.

За Етно кујната Вила Елена се грижи семејството Милановски. Синот Даниел раководи со објектот, мама Бети е шефица во кујната и „виновничка“ за превкусните специјалитети, таткото Новица е задолжен за работите околу фармата, а ќерката Елена ѝ помага на мама и почестена е што по неа е крстен локалот.

– Етно кујната вила Елена нуди прекрасна природа, чист воздух, мир и тишина надвор од градскиот метеж. До кај нас лесно се стигнува, само напишете ја локацијата на „гугл мапс“ и директно сте кај нас, ни објаснува Бети.

Пред да започнат да се занимаваат со селски туризам, објектот бил викенд-куќа, но како што ни вели Бети, бидејќи околностите биле непогодни во градот и немало работа, одлуката паднала, а најголем иницијатор бил Новица како поборник за здрав еколошки живот.

– Ја одбравме оваа локација бидејќи на децата најмногу им се допадна природата, а и е најблиску до градот, односно на само 20 км од центарот на Скопје, додава Бети.

Самиот амбиент ја прави оваа етно кујна посебна, секојдневниот пев на птиците, чистата природа, сонцето, а оние што имаат дечиња може безгрижно да ги остават да играат, додека родителите се одмораат.

– Нудиме традиционална домашно подготвена храна, пита, качамак, јарешко печење, и сè друго, вели шефицата на кујната.

Салатите се свежи и превкусни, има и пинџур, макало, тиквички, сирење и кашкавал, домашен шумски сок, десерти…

Семејството поседува сопствена фарма на кози, кокошки, домашни миленичиња, мачиња, кучиња, зајчиња…Произведуваат козјо сирење и кашкавал, козја моцарела, домашни јајца, а сè тоа гостите можат да го дегустираат на „лице место“, но можат и да си купат за дома.

Етно кујната Вила Елена располага и со соби за ноќевање, па ете можност цел викенд да го искористите за уживанција во природа.

На прашањето дали државата придонесува за развој на селскиот туризам, Бети ни одговара:

– Државата за селскиот туризам во околината на Скопје како да нема слух, таа и воопшто го нема дефинирано овој феномен во никој поглед, се мачиме самите, а помош од никаде. Тежок е овој семеен бизнис.

Домаќините размислуваат и за проширување, но велат дека сè тоа зависи од можностите.

А, ако сте веќе тука и ако одлучите да преноќите во вилата, викендот може да си го дополните и со посета на водопадите на Тршченски Поток, на само околу 500 м источно од Бродец, на 950-1100 m надморска височина. Станува збор за десетина водопади со височина од 2,5 – 5 метри, наредени скалесто еден под друг, така што целата појава претставува слап. Убавини!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот