Уставните судии треба да решаваат за Законот за извршување: Многу фирми „изгореа“ зашто државата не им плаќаше
Поднесена е иницијатива до Уставниот суд за оспорување член од Законот за извршување, кој им овозможува на јавните претпријатија и на државни институции да не си ги плаќаат своите долгови. Проблемот е децениски
Група адвокати на крајот од минатата година поднеле иницијатива до Уставниот суд за оспорување на уставноста на член 218 од Законот за извршување, со кој се овозможува долговите што ги должат државни и општински претпријатија кон приватни фирми никогаш да не бидат наплатени. Законското решение во практика може да значи некоја компанија што се радувала на некоја јавна набавка, никогаш да не дојде до пари за сработеното и токму таа „бизнис зделка“ да ја однесе во пропаст. Законската одредба, пак, со години се применува и во јавноста е критикувана, не само како катастрофална за компаниите, туку и како класичен пример за дискриминација: државата има право да наплаќа за долговите кон неа, ама кога таа треба да плаќа, тогаш важи членот 218.
Препорачано
Во членот 218 пишува: „Врз предмети и права на Република Македонија и нејзините органи, единиците на локалната самоуправа и јавните претпријатија не може да се спроведе извршување за наплата на парични побарувања, доколку тие се неопходни за вршење на нивната дејност, односно задачи. Кои предмети и права се неопходни за вршење на дејноста и задачите на должникот, ќе определи претседателот на судот на чие подрачје се спроведува извршното дејство, ако во текот на спроведувањето на извршувањето, странките за тоа прашање не се согласат или инаку се укаже тоа како потреба“.
Според адвокатот Јанаки Митровски, преку чија канцеларија е процесирана иницијативата, сегашното законско решение се сведува на тоа дека јавните претпријатија може да трупаат долгови колку сакаат, да се водат долгогодишни судски спорови чии пресуди не може да се наплатат.
„До Уставниот суд поведовме иницијатива за укинување на член 218 од Законот за извршување, со кој се дозволува претседателите на судови да ставаат лимити на извршување за јавните претпријатија и со тоа де факто да ги обезвреднуваат пресудите чинејќи ги ненаплатливи. Очекуваме Уставниот суд да ја поништи законската одредба особено по одлуката на Европскиот суд за човекови права и пресуда Осигурителна полиса и др. против Македонија, со која ваквите лимити се утврдува дека ги повредуваат правата на сопственост и правично судење, која пресуда е по апликација на колегите Богданов и Богданов“, информира Митровски пред социјалните мрежи.
Европскиот суд за човекови донел одлука на тужителите Осигурителна полиса и други да им се исплатат бараните износи.
„Случајот се однесува на неизвршување конечни и извршни пресуди и одлуки со кои се наложува на државна компанија одговорна за одржување и управување со национални патишта и автопати (во натамошниот текст „должникот“) да им исплати на компаниите жалители различни суми пари“ – појаснува Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП).
Европскиот суд се водел од Конвенцијата за заштита на човековите права на која се повикувале и оштетените компании.
„Европскиот суд за човекови права, по тужба на повеќе приватни компании против Република Северна Македонија донесе Пресуди 62544/19 и 6430/20 од 18 ноември 2025 година со кои утврдува дека државата со таканаречените ‘рамки’ предвидени во Законот за извршување, го прекршила членот 6 од Конвенцијата за заштита на човекови права и основни слободи и членот 1 од Протоколот 1 од истата Конвенција, па ја задолжува државата во рок од три месеци да обезбеди средства и да ги раздолжи долговите на сите јавни претпријатија спрема приватните фирми и компании бидејќи настанало непочитување на домашните судски одлуки. Во превод, ова значи дека државните и општинските јавни претпријатија не можат да ‘се заштитуваат и кријат’ зад таканаречените ‘нужни средства за работење’ од нашиот Закон туку ќе мораат да си ‘најдат чаре’ државните преку Владата, локалните преку Општината да си ги плаќаат сите свои долгови!“ – се огласи и адвокатот Виктор Божиновски.
Правните експерти со кои разговаравме, велат дека иако случајот е поведен од 10 компании, главно осигурителни друштва, одлуката на Европскиот суд за човекови права е општа и се однесува на целиот начин на функционирање на овој Закон. Но, тие потврдуваат дека не постои одредба во Конвенцијата за тоа што ако државата не ја испочитува одлуката на Европскиот суд да се раздолжи во рок од три месеци што истекуваат во февруари. Сепак, експертите потенцираат дека Македонија е потписничка на Конвенцијата и спроведувањето на Одлуката треба да се подразбира.


