Уште едно разочарување: Ракометарите поразени од Тунис
По победата против Алжир во претходната рунда, денес Македонија повторно им се врати на поразите на Светското првенство. Во разигрувањето за од 25. до 32. место во вториот натпревар бевме поразени од Тунис со 28:33.
Препорачано
Катастрофално го започнавме натпреварот, Тунис отвори со пет гола, а дури тогаш ние го постигнавме првиот гол на натпреварот. Како што одминуваа минутите ние игравме се подобро и полека се враќавме во натпреварот. Неколку пати доаѓавме до -2, но сепак не успеавме да изедначиме. На пауза Тунис водеше со 14:16.
Почетните минути од второто полувреме беа и нашите најдобри моменти на натпреварот, па така успеавме да го свртиме резултатот и за првпат на мечот да поведеме (18:17).
Гол за гол се играше се до последните 15-тина минути од средбата кога Тунис со една серија по подолго време за првпат се „одлепи“ (21:24). Таа мини-серија од три гола како да ги откажа нашите ракометари, па во продолжение не се вративме и предноста на Тунижаните само растеше за конечни пет голови разлика.
Најефикасни во нашите редови беа Кузмановски и Манасков со по седум гола, додека Дармул за Тунис постигна осум гола.
ОСТАНАТИ РЕЗУЛТАТИ:
Хрватска – Белгија 34:26
Катар – Норвешка 17:30


