Уште една недела до крајниот рок за пријава за субвенциониран оброк

Студент / Фото: Слободен печат. - Драган Митрески

Секој студент што ги исполнува условите – да е државјанин на Р Северна Македонија, да не е регистриран земјоделец и да има приходи помали од минималната плата, може да добие по 120 денари дневно

Помалку од една третина од планираните студенти аплицирале за мерката субвенциониран студентски оброк, со која можат да добијат финансиска поддршка од околу 2.400 денари месечно, за 8,5 месеци во годината. 

Како што информираат од Министерството за образование и наука, досега електронски се пријавиле повеќе од 12.600 студенти, а според процените на оваа институција, ова право им следува на околу 40.000 студенти, за што се обезбедени 15 милиони евра.

Студентскиот субвенциониран оброк треба да се исплаќа секој месец на трансакциската сметка на студентот, во износ кој е еднаков на 120 денари на ден, за секој работен ден во месецот освен за државни, верски празници и неработни денови. Ова право студентот нема да може да го остварува во периодот од 1 јули до 14 септември.

Аплицирањето за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк започна на 1 август и во согласност со јавниот повик, трае до крајот на месецот за тековните студенти, додека студентите од новата академска година и оние што не го запишале летниот семестар, може да се пријават до 31 октомври. Аплицирањето се спроведува електронски со прикачување два документа – пријава и изјава за обработка на лични податоци, а се наведуваат и податоци од трансакциската сметка на студентот.

Право да аплицираат имаат сите редовни студенти на додипломски студии на државните и на приватните универзитети, кои се државјани на Република Северна Македонија. Притоа, не треба да бидат во редовен работен однос, да не се регистрирани како индивидуални земјоделци и да немаат месечен приход по која било основа поголем од минималната нето-плата што годинава изнесува 15.194 денари.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот