УНИЦЕФ лани регистрирале најголем број сериозни прекршувања врз децата

Деца-бегалци
Деца-бегалци / Фото: EPA/GEORGI LICOVSKI

Детскиот фонд на Обединетите нации (УНИЦЕФ) минатата година забележа најголем број „сериозни прекршувања“ врз децата, вклучувајќи регрутирање, убиства и повредувања, сексуално насилство, киднапирања и напади на училишта и болници.

Најмногу млади се доведени во опасност поради конфликтите меѓу Израел и Палестина, во Конго и Сомалија.

УНИЦЕФ исто така изрази загриженост и за состојбата на младите во Хаити, Нигерија, Етиопија, Мозамбик и Украина.

Заменик-извршниот директор на УНИЦЕФ, Омар Абди, изјави пред Советот за безбедност на ОН дека минатата година се регистрирани повеќе од 27.000 сериозни прекршувања, во споредба со 24.000 претходната година, што е исто така највисока регистрирана бројка од 2005 година, откако се прават извештаите. Исто така имаше и најмногу конфликтни ситуации во светот – 26.

Од подготовката на извештајот, во Судан избувна „голем конфликт“ поради што се раселени повеќе од милион деца, а ОН имаат информации дека стотици деца се убиени и повредени.

Абди рече дека поради последната ескалација, УНИЦЕФ очекува зголемување на бројот на загрозени палестински деца.

Владата и страните во конфликтот, додаде тој, не ги исполнуваат своите обврски кога станува збор за заштита на децата и потребна е „значајна и недвосмислена акција“.

Во годишниот извештај до Советот за безбедност на ОН, генералниот секретар Антонио Гутереш ја стави руската армија на годишната „црна листа“ на земји кои ги кршат правата на децата во конфликти поради убиства на момчиња и девојчиња и напади на училишта и болници во Украина.

Сепак, тој не го обвини и Израел за сериозно загрозување на безбедноста на повеќе од 1.100 палестински деца, од кои 54 беа убиени.

Специјалниот претставник на ОН за ситуацијата на децата во вооружени конфликти, Вирџинија Гамба, изјави пред Советот за безбедност на ОН дека во текот на 2022 година се регистрирани 27.180 чинови на насилство врз 18.890 деца, вклучувајќи 8.620 убиени или повредени, а 7.622 деца се регрутирани од владите или вооружените групи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот