Унгарскиот „Сегед тромбон ансамбл“ ќе гостува на „Скопски брас фестивал“

Плакат за концертот на „Сегед тромбон ансамбл“

Асоцијацијата „Макбрас“ го најави четвртото издание на „Скопски брас фестивал“, посветен на лимените дувачки инструменти. Првиот настан на фестивалот ќе се одржи на 27 мај во малата сала на НУ Филхармонија, а гости ќе бидат „Сегед тромбон ансамбл“ од Унгарија, еден од најдобрите ансамбли, но и единствен по својот состав (октет тромбони).

Раководител и основач на ансамблот е Ѓирѓи Гивиксан, професор по тромбон на музичката академија „Франц Лист“ во Будимпешта, солист и еден од најдобрите тромбонисти на денешницата. Програмата на нивните концерти секогаш е разнолика, со музика од ренесансата па сѐ до современи поп-песни преработени за овој ансамбл.

Инаку, соработката со унгарскиот ансамбл и идејата за концертот во Скопје произлезе од гостувањето на Ѓирѓи Гивиксан на второто издание на „Скопски брас фестивал“ во 2022 година, кога покрај солистичките точки, тој настапи со тромбонски ансамбл составен од тромбонисти од Македонија, Хрватска, Косово и Србија.

Покрај концертот, во соработка со Факултетот за музичка уметност во Скопје, членовите на ансамблот ќе одржат семинар, а студентите и професионалните брас музичари ќе имаат можност да научат повеќе за техниките на свирење тромбон.

Четвртото издание на фестивалот ќе биде распоредено во текот на целата година, а во план се уште еден концерт и семинари по труба, хорна и тромбон со познати музичари од регионот и пошироко. Настанот е поддржан од Министерството за култура на РС Македонија, во партнерство со германската компанија за производство на инструменти „Buffet Crampon“.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 232, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 24-26.5.2024)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот