„Уметноста е мртва, пријателе“: Вештачката интелигенција им ги „краде“ цртежите на уметниците

Галерија илустрација / Фото EPA-EFE/JALAL MORCHIDI

Неколку уметници се огорчени од вештачката интелигенција која за неколку секунди ги копира стиловите за кои тие со години се борат да ги нацртаат. Бесот избувна во уметничката заедница минатата година со најавата за програми за генеративна вештачка интелигенција (ВИ) кои можат брзо да извршуваат команди како цртање на начинот на кој на еден уметник му треба подолго време.

Ваквите дела од вештачката интелигенција се произведуваат без согласност на авторот и без известување за чиј стил е копиран или компензација за оригиналниот уметник. Во јануари, уметниците, вклучувајќи ги Сара Андерсен и Карла Ортиз, поднесоа тужба против „ДримАп“, „Мидџурни“ и „Стејбл Дифјужн“, три модели на вештачка интелигенција за генерирање слики врз основа на уметнички дела пронајдени на интернетот.

Андерсен за „АФП“ изјави дека се чувствувала „оштетена“ кога првпат го видела цртежот нацртан со помош на вештачка интелигенција, кој бил копија на стилот од нејзиниот стрип „Заби“. Таа луто реагираше на „Твитер“ и коментарот стана вирален, па и други револтирани уметници допреа до неа со своите приказни.

Поддржувачите на тужбата се надеваат дека ќе воспостават правен преседан што ќе ги регулира генеративните програми што ги копираат стиловите на уметниците. Уметниците сакаат креаторите на вештачката интелигенција да обезбедат лиценци за создавање дела што се користат во програмите. Бараат и соодветен надомест.

Таксата може да биде во форма на лиценцирање, вели Ортиз, и треба да биде соодветна. Би било погрешно уметниците да „добијат неколку центи додека компанијата добива милиони“ долари, додаде Ортиз, која работела во „Марвел“.

Во тужбата се наведува дека дизајнерот на видео игри Џејсон Ален минатата година победил на натпреварот за Државниот саем во Колорадо со „уметност“ создадена со помош на „Мидџурни“.

„Уметноста е мртва, пријателе. Готово е. Вештачката интелигенција победи. Луѓето изгубија“, изјави Ален за „Њујорк Тајмс“.

Музејот „Мавришиус“ во Холандија предизвика контроверзии со изложување на слика генерирана од вештачка интелигенција инспирирана од „Девојката со бисерна обетка“ на Вермер. Балетот во Сан Франциско, во меѓувреме, предизвика возбуда користејќи го „Мидџурни“ за да создаде илустрации што се користат во промотивниот материјал за изведбите на „Оревокршачка“ во декември.

„Тоа е природна последица на нешто што е едноставно, евтино и достапно“, рече Андерсен. „Секако дека ќе ја искористат таа опција, дури и ако е неетичка“, додаде таа.

Компаниите кои се бранат од тужби за прекршување на авторските права од уметниците, најверојатно ќе тврдат дека тоа е „фер употреба“, исклучок што понекогаш е дозволен.

„Волшебниот збор што се користи во американското правосудство е „трансформативен“, рече адвокатот Метју Батерик. „Дали ова е нова употреба на делото заштитено со авторски права или го заменува оригиналот на пазарот?“

Уметниците се свртуваат не само кон судовите, туку и кон технологијата за да се одбранат од генеративната вештачка интелигенција. Тим од Универзитетот во Чикаго минатата недела лансираше софтвер „Глејз“ за заштита на оригиналните дела.

Програмата додава слој на податоци над сликите кои, иако се невидливи за човечкото око, делуваат како одбрана од вештачката интелигенција, рече Шон Шан, докторант задолжен за проектот. Батерик предвидува „игра на мачка и глушец“ додека развивачите на вештачка интелигенција смислуваат начини да ја заобиколат таквата одбрана. Батерик се грижи и за ефектот на вештачката интелигенција врз човечкиот дух.

„Кога научната фантастика замислува апокалипса предизвикана од вештачка интелигенција, тоа е нешто како роботи кои доаѓаат преку ридот со ласерски пиштоли“, рече тој. „Мислам дека начинот на кој вештачката интелигенција го поразува човештвото е повеќе од тоа што луѓето едноставно се откажуваат и не сакаат да создаваат нови работи и (тоа) го цица животот на човештвото“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот