Украинскиот селектор Андронов: Ракометот во Македонија е како религија, ќе биде многу тешко соочување
Селекторот на Украина зборува за македонската ракометна репрезентација во пресрет на саботниот меч од баражот за пласман на Мундијалот 2023
Селекторот на женската ракометна репрезентација на Украина Виталиј Андронов го даде својот коментар за саботниот меч Македонија – Украина, што се игра во Скопје во рамките на баражите за пласман на Светското првенство 2023.
Препорачано
– Велат дека сме имале среќа со нашиот противник. На хартија е едно, но во реалноста сè изгледа сосема поинаку. Станува збор за искусна репрезентација која играше на ЕП, се здоби со искуство, се соочи со моќни противници. Знаеме за односот кон ракометот во Македонија. Таму тоа е религија, а државата прави се за тимовите. Оваа репрезентација е многу сериозен противник… Затоа, ќе биде многу тешко соочување во кое се ќе биде решено во последен момент – вели меѓу другото Андронов за официјалниот сајт на Ракометната федерација на Украина.
Македонија игра со Украина во „Борис Трајковски“ во Скопје во 19 часот в сабота (влез слободен). Реваншот се игра во Кишварда, Унгарија во вторник (17 ч). Победникот ќе се пласира на Мундијалот што се игра во ноември и декември.


