Прекин на водоснабдување

Угостителите се подготвуваат да работа без вода: Некои ќе стават клуч на врата, некои кофа во ВЦ!

Хотелите, кафеаните, кафулињата, пицериите, пекарниците, сендвичарите, како и рестораните за свадби, периодов имаат полни раце работа, а дел од нив веќе најавуваат дека ќе затворат, бидејќи немаат услови да обезбедат питка и санитарна вода. Засега освен инцидентни случаи, нема откажување на корпоративните дневни и вечерни прослави кои се во полн ек, а се закажани со месеци однапред

Немерлива ќе биде штетата за скопските угостители, ако треба да запрат со работа поради запирањето на водата од петок навечер и во текот на првиот ден од викендот, констатираат дел од нив за „Слободен печат“. Хотелите, кафеаните, кафулињата, пицериите, пекарниците, сендвичарите, како и рестораните за свадби, периодов имаат полни раце работа, а дел од нив веќе најавуваат дека ќе затворат, бидејќи немаат услови да обезбедат питка и санитарна вода. Засега освен инцидентни случаи, нема откажување на корпоративните дневни и вечерни прослави кои се во полн ек, а се закажани со месеци однапред.

За среќа во зимскиот период и постите нема резервирани свадби, но неофицијално дел од идните младенци веќе резервирале соби по скопските хотели за да може да се подготват, а со себе ги носат и фризерките и козметичарките. Во теренската обиколка, „Слободен печат“ слушна и дека некои ресторани изнајмуваат подвижни тоалети, трети купиле поголеми канистри со чешмички кои ќе ги постават во кујните, но и во тоалетите, а има такви кои обезбедиле цистерни со вода.

Менаџерите на некои локали на Кејот во Скопје, се многу револтирани од недостигот на точни и проверени информации, а дополнително се уплашени дека запирањето на водата може да трае и до 48 часа. Во тој случај, додаваат ќе тужат поради колатерална штета предизвикана од загубениот промет и углед кај гостите.

-На што личи ова. Нема точни информации колку ќе трае отстранувањето на дефектот. Водата ни е потребна не само за подготовка на храната, туку и за одржување на хигиената. Некои од нашите колеги сметаат дека ќе го решат проблемот со обезбедување на цистерна, но нием немаме услови за тоа, па затоа ќе затвориме. Не сакаме да го ризикуваме здравјето на гостите, но и на вработените – ни рекоа во еден познат скопски локал во ГТЦ.

Засега се безбедни само хотелите, кои веќе обезбедиле цистерни со питка вода, а располагаат со базени со техничка вода, која со помош на агрегати ќе ја пренесуваат во тоалетите.

-Се обезбедивме, нема да има застој, а ние ќе се потрудиме да им обезбедиме соодветни услови на гостите кои се веќе кај нас, но и на оние кои евентуално ќе дојдат деновиве – објаснуваат во еден познат скопски хотел за „Слободен печат“.

Од еден скопски синџир на пицерии велат дека нема да престанат со работа, а нарачките ќе продолжат да ги примаат.

-Обезбедивме канистри со чешмички, а тестото за пица ионака се подготвува еден однапред – велат пицамајсторите.

Сепак, угостителите се едногласни дека в петок ќе мора малку порано да затворат за да ги соберат валканите чинии, чаши и другиот прибор, да ги измијат за ако и во сабота немаат вода, да имаат во што да ги служат гостите. Лоша вест за скопјани е што нема да работат машините за еспресо, оти нема да има воден притисок.

-Ќе работиме со флаширани производи, а кафематите нема да бидат во функција, ќе се прави само матено нес кафе. За тоалетите е обезбедна вода во буриња – велат во едно скопско кафуле во Аеродром.

И покрај притисоците, засега не се откажуваат корпоративните прослави

Ставот на Здружението на категоризирани ресторани со поголем капацитет на гости е дека мора да бидат подготвени за сите ситуации. Одтаму за „Слободен печат“ велат дека за среќа на територијата на Скопје за викендов има закажани само неколку свадби, но масовно се одржуваат корпоративните забави.

-Замислете да мора да ги откажеме овие евенти, кои се резервирани со месеци однапред. Досега и покрај големиот притисок нема откажани забави, а ние веќе обезбедивме дополнителни рфезерви на флаширана питка вода, како и големи канистри со техничка вода за миење и за тоалетите. Ангажиравме и дополни вработени кои ќе се грижат за одржување на санитарниот чвор. Работиме со луѓе, а сега имаме масовна посетеност, се мора да помине во најдобар ред. Се надеваме дека институциите ќе си ја завршат работата во разумен рок, а сите сме свесни дека дефектот мора да се отстрани – ни рекоа претставниците на ова Здружение.

Пола Скопје се пакува за да ги „посети“ кафеаните во внатрешноста

Дел од скопјани кои имаат роднини во внатрешноста веќе им најавиле посета, а другите резервираат термини во кафеаните во Куманово, Велес, Штип… Добар дел од нашите сограѓани ќе го искористат „водниот дефект“ да одат на шопинг во Врање или Солун. Вака стојат работите со оние кои не веруваат дека проблемот со недостигот на вода и поправките на големиот дефект ќе завршат во разумен рок. Оние пак, кои ќе останат во главниот град, како што веќе пишуваше „Слободен печат“ ги испразнија дуќаните и се снабдија со канистри со пакувана вода.

-Што ќе правиме цел ден ако нема вода, мора да се снаоѓаме со мали деца сме и ќе им гостуваме на роднините во Куманово – вели Фросина.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот