Угледниот лекар што се стори антиваксер

Доктор Бранимир Несторовиќ

На експерти им преостанува да анализираат дали политичкиот подем на Несторовиќ, докторот што решава кој ќе владее во Белград, е последица на сосема спротивната насока во неговата професионална кариера, во која од угледен педијатар се престрои меѓу теоретичарите на заговори

Од аутсајдер, докторот Бранимир Несторовиќ, стана најпријатното изненадување на изборите во Србија и ќе го има последниот збор кој ќе ја освои власта во Белград или ќе се гласа уште еднаш.

На експерти им преостанува да анализираат дали политичкиот подем на Несторовиќ е последица на сосема спротивната насока во неговата професионална кариера, во која од угледен педијатар се престрои меѓу теоретичарите на заговори.

Несторовиќ го привлече вниманието на почетокот од пандемијата на ковид-19, кога на заедничка прес-конференција со претседателот Александар Вучиќ изјави дека „короната е најсмешниот вирус што се шири на фејсбук“.

– Не можам да верувам дека народот што преживеа санкции, бомбардирање и разноразни малтетирања се уплашил од најсмешниот вирус во историјата на човештвото, кој постои само на фејбук – изјави тогаш докторот Несторовиќ. На истата прес-конференција тој им порача на „жените слободно да одат на шопинг во Милано“, иако во Италија тогаш беснееше веројатно најсмртоносниот бран на пандемијата воопшто.

Со ваквиот настап, Несторовиќ го изгуби угледот во стручните кругови, но ги освои симпатиите на граѓаните. Сѐ повеќе се појавуваше по телевизии, прво како член на кризниот штаб за борба против пандемијата, а потоа како противник. Стана редовен гостин на емисијата „Балкан инфо“, на која своите контроверзни ставови ги изнесуваа разни теоретичари на заговори, а потоа и постојан гостин на утринската програма на провладината телевизија „Хепи“.

Гостувајќи на телевизија во април 2020 година тој изјави дека Никола Тесла со свој уред „испратил шест часа во иднината, а потоа вратил назад американски воен разурнувач“. Една од неговите најцитирани изјави е дека „луѓето со светли очи се потомци на вонземјани што пред 9.000 години сексуално општеле со жени“.

– Техниката со која докторот Несторовиќ се служи во своите настапи во медиумите е веќе проверена формула за ширење лажни вести. Основа на дезинформацијата може да биде вистински настан, но целосно извлечен од контекст за да се вклопи во конспиративен наратив. Медиумски недоволно поткован поединец неретко наседнува на ваквиот метод на ширење дезинвормации, од почит кон некогашниот медицински авторитет на докторот – забележа „Истиномер“ во 2021 година.

Несфатливо за човек со вакви ставови, Несторовиќ е редовен професор во пензија на Медицинскиот факултет на белградскиот универзитет и некогашен начелник на Службата за пулмологија и алергологија на Универзитетската детска клиника во „Тиршова“, каде што го поминал речиси целиот работен век и имал голем број задоволни и успешно излекувани пациенти.

Фотографија што Несторовиќ ја користеше во кампањата – Фотографија Профил на Икс

До политиката се приближил при крајот на минатиот век. Како член на Српското движење за обнова на Вук Драшковиќ, тој учествувал во демонстрациите против режимот на Слободан Милошевиќ. По народниот бунт на 5 октомври, тој ѝ се приклучил на Демократската партија, но со конзервативните ставови останал поблизок до монархистичката политика на СПО. Пред точно две години го формирал Здружението за заштита и унапредување на положбата на децата Витези од редот на змејот и најавил политички ангажман.

На парламентарните избори во 2022 година докторот ја поддржал изборната листа „Бошко Обрадовиќ – Српско движење Двери – Милош Парандиловиќ – Патриотски блок за обнова на Кралството Србија“.

Првата реакција по неочекувано добриот резултат на неговата листа за изборите за градскиот совет на Белград беше дека „нема да тргува со успехот“.

– Ние за две години ќе ја освои власта и ќе формира Влада – најави докторот Несторовиќ.

Тој додаде дека владеењето, сепак, не е главната цел, туку промената на системот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот