Уапсени се 12 луѓе, злосторнички се здружиле за да тргуваат со оружје од Косово
Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) и Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал спроведоа голема акција во раните утрински часови, при што беа лишени од слобода 12 лица осомничени за криминално здружување и нелегална трговија со оружје, информираат од ОЈО ГОКК.
Препорачано
Акцијата, како што велат од Обвинителството, е резултат на повеќемесечна предистражна постапка, а претресени се повеќе локации во селата Брест, Инџиково и Арачиново, како и во скопските населби Ченто и Чаир.
Осомничените се товарат за злосторничко здружување и неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материјали. Дополнително, еден од нив е осомничен и за трговија со дрога.
Првоосомничениот, според Обвинителството, неовластено набавувал огнено оружје и муниција од засега непознати лица од Република Косово.
Оружјето потоа нелегално го пренесувал на територијата на Северна Македонија и го криел во селата Сингелиќ и Брест.
„Од прибраните докази произлегува дека групата имала јасно распределени улоги. Првоосомничениот, како еден од организаторите, давал насоки за пронаоѓање купувачи и за неовластено посредување во трговијата со огнено оружје и муниција. Еден од осомничените неовластено набавувал муниција и ги координирал активностите за доставување на оружјето до членовите на групата, додека друг го одржувал контактот со првоосомничениот и ја координирал доставата до непосредните купувачи“, велат од Обвинителството додавајќи дека ќе бараат притвор за сите 12-мина осомничени.


