Уапсена лихварка од Струмица – за 2.700 евра барала да ѝ вратат 15.000 евра
Полицијата вчера уапсила лихварка од Струмица, која за заем од 2.700 евра барала да ѝ се вратат 15.000 евра, соопшти Министерството за внатрешни работи.
Препорачано
Според информациите, таа била фатена на дело додека примала 100 евра како месечна рата камата за лихварскиот долг.
„На 26.02.2026 во 12:00 часот во Струмица, полициски службеници од СВР Струмица ја лишија од слобода Ј.Т.(53) од Струмица. Според пријавеното, таа во јуни 2025 година на жител на струмичко село му дала пари во износ од 2.700 евра, за кои сега барала да му врати несразмерен износ од 15.000 евра. Имено, вчера оштетениот остварил средба со Ј.Т. на која требало да ѝ плати 100 евра, сума која ја определила како месечна камата за основниот лихварски долг. Во моментот кога ѝ ја дал банкнотата од 100 евра, која била претходно обележана, Ј.Т. е лишена од слобода“, соопшти МВР.
Бил извршен преглед кај неа и била пронајдени обележаната банкнота од 100 евра, тетратка и листови хартија на кои ги нотирала износите на парични средства што ги давала на лица и износите кои како камата требало да ѝ бидат вратени.


