Уапсен Србин на прославата на Видовден на Косово, извикувал националистички пароли

Прослава на Видовдан на Косово/Фото: МИА

Државјанин на Србија е уапсен денеска од полицијата на Косово (ПК) поради националистички провокации на прославата на српскиот православен празник Видовден на Газиместан, во близина на косовскиот главен град, јави дописникот на МИА од Приштина.

Според полицијата, на традиционалната прослава на годишнината од Косовската битка, која се случила во Газиместан пред 633 години, српскиот државјанин извикувал пароли со кои се повикува на етничка омраза и раздор.

– Полицијата на Косово останува посветена на исполнувањето на нејзините овластувања и задачи, спроведувањето на Уставот на Република Косово во функција на гарантирањето мирна и безбедна средина за сите граќани, се вели во соопштението на ПК.

Претходно беше соопштено дека полицијата спречила влез во Косово на неколкумина граѓани од српска националност од Црна Гора, кои се упатиле за Газиместан, а кај кои биле пронајдени маички со провокативна националистичка содржина.

Медиумите јавуваат и за провокации од страна на учесници на собирот на Газиместан, кои извикувале пароли „Косово е Србија” и „Русија, Русија” и истакнувале трнспаренти со картата на Косово врз која бил исцртан српскиот симбол со четири С, како и со буквата З (Z), која ја користат руските сили при агресијата врз Украина.

Покрај апсењето на споменатото лице и принудувањето од страна на полицијата на некои лица да ги соблечат маичките со провокативни содржини, на собирот во Газиместан, на кој секоја година присуствуваат голем број Срби од Косово и од земјите во регионот, не е регистриран посериозен инцидент.

Извор: МИА

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот