Уапсен е и поранешниот директор на ЕСМ, Васко Стефанов, кој беше надвор од државата

Стефанов (десно) и неговиот претходник на директорската функција, Васко Ковачевски, кој засега не е достапен за органите на прогонот / Фото: Фејсбук

Ексдиректорот на државната компанија „Електрани на Северна Македонија“ (ЕСМ), Васко Стефанов, кој е еден од осомничените во денешната акција на МВР и Основното јавно обвинителство за гонење на организираниот криминал и корупцијата (ОЈО ГОКК) е приведен откако претходно не беше достапен за органите на прогонот во земјава, објави „360 степени“.

Тој наводно е наоѓал во една соседна земја и во текот на денот се вратил во земјава, најверојатно, велат изворите на „360 степени“, откако дознал дека се бара во кривична постапка. Засега не се знае точниот број на приведени, со оглед на тоа што Министерството за внатрешни работи и ОЈО ГОКК сè уште немаат излезено со детали за акцијата.

Од позвучните имиња што се споменуваат, недостапен за истрагата и понатаму е претходникот на Стефанов на функцијата директор на ЕСМ, Васко Ковачевски. Сознанијата за него велат дека се наоѓа во земја-членка на Европската Унија.

Дека Ковачевски не е уапсен и дека се наоѓа надвор од земјата, денеска потврди премиерот Христијан Мицкоски, кој рече дека очекува ексдиректорот на ЕСМ наскоро да биде обезбеден и вратен назад во земјава. Според премиерот, во полициската акција се уапсени 23-ца луѓе.

Во однос на криминалот што се истражува, Мицкоски рече според информациите што ги добил од од министерот Панче Тошковски и директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев, станува збор за добро организирана група високи претставници на компанијата и лица што управуваат со други фирми.

Меѓу осомничените, според засега сè уште неофицијални информации, се и поранешниот директор на ТЕЦ „Неготино“, Небојша Стојановиќ, поранешниот директор на РЕК „Битола“, Пеце Матевски, како и комерцијалниот директор на Електрани на Северна Македонија, Ардијан Муча.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот