Творецот на култната игра „Кол оф дјути“ загина во сообраќајна несреќа – излетал со колата од патот и заглавен изгорел внатре
Творецот на видеоигри Винс Зампела, чиишто студија стојат зад неколку од најпродаваните видеоигри во светот, загинал во неделата попладне во сообраќајна несреќа со својот автомобил „ферари“ на патот Анџелес Крест во Јужна Калифорнија, пренесе „Ен-би-си Лос Анџелес“.
Препорачано
Зампела, високо ценета фигура во индустријата за видеоигри, беше на чело на студиото „Риспоун ентертејнмент“. Овој плоден дизајнер е поранешен извршен директор на „Инфинити ворд“, студиото кое стои зад успешниот франшизен серијал „Кол оф дјути“ (Call of Duty).
Несреќата со едно возило била пријавена на живописниот планински пат северно од Лос Анџелес, во планините Сан Габриел. Колата, која се движела во јужен правец, излетала од патот веднаш по излегување од тунел, удрила во бетонска ограда, а еден од патниците бил исфрлен од возилото, соопшти Калифорниската патролна полиција (CHP).
Возачот, 55-годишниот Зампела, бил заробен во возилото кое потоа се запалило. Тој починал на местото на несреќата, а патникот им подлегнал на повредите во болница. Идентитетот на патникот засега не е објавен.
Засега не се познати деталите за тоа што ја предизвикало несреќата на кривулестиот шумски пат со поглед кон Лос Анџелес и кон долината Сан Габриел. Сведок им доставил видео од несреќата на надлежните, на кое се гледа како автомобилот удира во бетонската ограда веднаш по излегување од тунелот.
Зампела беше коосновач на студиото „Риспоун ентертејнмент“ со седиште во Чатсворт во 2010 година. Студиото беше купено од гигантот за видеоигри EA во 2017 година. „Риспоун етертејнмент“ е најпознато по игрите „Тајтанфол“ (Titanfall), „Ејпекс леџендс“ (Apex Legends) и „Стар ворс џедај: Фолен ордер“ (Star Wars Jedi: Fallen Order).
— Тој навистина знаеше како да создава приказни и искуства што длабоко допираат до човечката суштина – без разлика дали станува збор за страв, ужас или за јунаштво. Мислам дека тоа успеваше да го пренесе преку дизајнот на игрите што ги создаваше. Тој беше исклучително скромна личност. Беше свесен за влијанието што го имаше врз луѓето и никогаш не го земаше тоа здраво за готово — изјави критичарот на видео игри, Џин Парк, кој го познавал Зампела.
Зампела раководеше и со студиски тим на И-еј гејмс (EA Games) со седиште во Плаја Виста, кој работеше на франшизата „Батлфилд“ (Battlefield).
Во соопштение, EA го опиша влијанието на Зампела врз светот на видео игрите како „длабоко и далекусежно“.
„Ова е незамислива загуба и нашите мисли се со семејството на Винс, неговите најблиски и со сите што беа допрени од неговата работа. Влијанието на Винс врз индустријата за видеоигри беше длабоко и далекусежно. Како пријател, колега, лидер и визионер, неговата работа помогна да се обликува модерната интерактивна забава и инспирираше милиони играчи и развивачи ширум светот. Неговото наследство ќе продолжи да го обликува начинот на кој се создаваат игрите и како играчите се поврзуваат со нив, со генерации“, се наведува во соопштението.


