Доналд Туск/ Фото: EPA-EFE/Marcin Obara

Туск: Полска разгледува истрага за можна поврзаност меѓу аферата Епстин и Полска

Полскиот премиер Доналд Туск денес изјави дека тој и министерот за правда, генералниот обвинител и министерот за координација на специјалните служби одлучиле да формираат аналитички тим, како и да разгледаат покренување истрага доколку се потврдат сомневањата во врска со објавените документи за осудениот сексуален престапник Џефри Епстин.

Туск, во пресрет на владина седница, нагласи дека ова е случај без преседан, кој го привлекува вниманието на полската јавност и членовите на владата поради можни „полски траги“ во аферата, пренесува полската новинска агенција ПАП.

Полскиот премиер изјави дека владата ќе направи сè што е можно ако се покаже дека педофилска мрежа, чиј организатор, како што изјави, бил Епстин, злоупотребувала деца.

Како што истакна, целта е да се гонат одговорните, да им се обезбеди соодветна заштита и обештетување на жртвите, а државата да покаже решителност во борбата против ваквите злосторства, пренесува Танјуг.

Тој изјави дека веќе се појавиле првите информации за луѓето кои, како што рече, го информирале Епштајн од Краков дека имале група полски жени или девојки, додавајќи дека во документите има уште слични траги. Затоа, најави детална и итна анализа на сите јавно достапни документи, страница по страница.

Туск додаде дека Полска, доколку е потребно, ќе побара од САД пристап до оние документи што сè уште не се објавени, а кои би можеле да се однесуваат на можни полски жртви или врски со Полска.

Туск ја посочи и политичката димензија на случајот, наведувајќи дека коментарите за можната вмешаност на руските разузнавачки служби во организацијата на аферата се повеќе се појавуваат во светските медиуми.

Полскиот премиер оцени дека можната вмешаност на руските служби би имала сериозни последици за безбедноста на Полска, бидејќи тоа би можело да значи дека тие имаат компромитирачки материјали за бројни актуелни светски лидери.

Туск не ја исклучи можноста Полска да покрене меѓународна истрага, нагласувајќи дека случајот мора целосно да се истражи.

На 30 јануари, Министерството за правда на САД објави повеќе од 3,5 милиони страници документи, околу 2.000 видеа и 180.000 фотографии како дел од новата серија материјали поврзани со случајот на осудениот сексуален престапник Џефри Епстин.

Џефри Епштајн беше обвинет во 2019 година во федералниот суд во Менхетен за трговија со малолетници со цел сексуална експлоатација.

Според обвинението, жртвите често биле малолетни девојчиња кои му нуделе масажи.

Епштајн починал во затвор, пронајден обесен во својата ќелија додека чекал судење, а неговата смрт официјално била прогласена за самоубиство.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот