Туристите и жителите не се откажуваат од најопасниот остров на светот
Отфрлен од северното крајбрежје на италијанска Сицилија, островот Стромболи е дом на околу 300 постојани жители, две села и еден неверојатно активен вулкан. Речиси 90 години тој неуморно работи, тресе и се заканува дека ќе ја претвори во пепел земјата од 12 квадратни километри во Тиренското Море, кадешто континунирано еруптира, пренесува хрватски „Експрес“.
Стромболи е најоддалечениот од седумте италијански Липарски или Еолски Острови, а глетките на него се навистина впечатливи. Неговата совршено остра планина се издигнува на 924 метри од морето и се шири повеќе од 1000 метри под него.
Островот не беше секогаш толку активен или толку слабо населен. На почетокот на 1900-тите години на Стромболи живееле 4000 луѓе. Но, по големата ерупција и цунамито кои дошло како последица во 1930 година, луѓето масовно се иселиле и поголемиот дел емигрирале во САД и Австралија, пишува Би-Би-Си.
Кога вуклканот неколку години подоцна почнал да еруптира без прекини, населението практично исчезнало, а до крајот на 40-тите години останале само 15 отсто од првичните жители.
Филмот Стромболи од 1950 година на Роберто Роселини, со познатата глумица Ингрид Бергман, практично го врати овој остров на светската карта, привлекувајќи посетители на неговите карпести брегови.
Во наградениот документарен филм “Island of Fire” (Островот на огнот), новинарката Ана Бресанин на Би-Би-Си ги води гледачите низ животите на луѓето кои Стромболи го нарекуваат свој дом, истражувајќи ги сложените причини поради кои луѓето се одлучуваат да живеат до еден од најактивните вулкани на светот.
Жителите, кои се навикнати на секојдневните звуци, вулканот го нарекуваат „iddu“, што на сицилијански значи „тој“.
– Тој е како пријател, како личност – велат жителите.
Голем дел од локалното население верува дека со прифаќање на силата на природата и ранливоста на животот се постигнува необична среќа која му е потребна на секој човек.
Денес Стромболи е еден од најпосетуваните вулкани на светот, а туристите често тргнуваат во трочасовните прошетки на работ на кратерот за да ја видат и почувствуваат неговата вистинска убавина.
Сепак, ова лето на островот се случија две големи експлозии поради кои загина еден италијански планинар и беа евакуирани 70 луѓе.
Во јули оваа година, експертот и познавач на состојбите Стефано Бранко изјави за „Ројтерс“ дека на островот дошло до „пароксизмална ерупција“, кога магмата под висок притисок експлодира од плиткиот, подземен резервоар.
– Тоа се настани со голема силина и ретко се случуваат – посочи Бранко.
Настанот го снимија и туристите кои за тоа време биле на плажа.
– Од кратерот излегуваше густ црн чад. За една секунда не покри црн прав и се разбегавме. Прво ја слушнавме експлозијата, па потоа црното небо надвисна над нас. Забележавме и пламен на падините на вулканот – рекоа тогаш сведоците на ерупцијата.
Нова разорна експлозија се случи и кон крајот на август.
Пред тоа, последните поголеми ерупции беа во 2002 година кога излевањето на магма од вулканот предизвика и мало цунами, а се проценува дека најголемиот бран бил висок 10 метри. По тој остров и вулканот на него е наречен се и еден вид на ерпупции – стромболски – што предизвикуваат гасовни балони во магмата.
За локалните деца кои се навикнати на осаменоста, летните месеци се време кога со своите велосипеди уживаат на улиците преполни со туристи. На Стромболи живеат малку деца, а оние кои се останати мораат да го напуштат за школување, бидејќи таму нема средно училиште.
Дури и откако ќе отпатуваат поради работа или школување, жителирњ на островот велат дека тој секогаш ги „привлекува назад“. Останатите жители во документарните филмови зборуваат како речиси целиот живот го поминале на вулканот. За локалното население на Стромболи, силата на нивниот дом најдобро е опишана во филмот на Роселини: „Каква мистерија, колкава убавина“.