Турција пријави нов напад врз товарен брод во Црното Море
Танкерот под руско знаме „МидВолга-2“ „пријави дека бил нападнат на 80 наутички милји од турскиот брег во Црното Море, додека бил на пат од Русија кон Грузија со товар сончогледово масло“, соопшти денес турската дирекција за поморски работи, додавајќи дека „сите 13 членови на екипажот се безбедни и здрави“ и дека бродот не побарал помош.
Препорачано
Бродот „МидВолга-2“ моментално е на пат кон турското пристаниште Синоп со сопствен погон, објавија АП и француските медиуми на своите веб-страници, пренесува Н1.
Најновиот инцидент доаѓа по двата напади со беспилотни летала за кои Украина ја презеде одговорноста во ексклузивната економска зона на Турција во петокот и саботата.
Нападите беа насочени кон танкери кои припаѓаат на руската „фантомска“ флота, која е под западни санкции, но продолжува да извезува руска нафта.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ја осуди „загрижувачката ескалација“ во понеделник, велејќи дека „конфликтот меѓу Русија и Украина јасно достигна ниво што ја загрозува безбедноста на пловидбата во Црното Море“.
„Внимателно ги следиме случувањата меѓу Русија и Украина со цел да се стави крај на конфликтот и сме подготвени да придонесеме во секоја можност“, рече Ердоган додека продолжуваа разговорите за планот на САД за решавање на конфликтот во Украина.


