Тројца се обвинети за трагичниот пожар во тетовската модуларна болница

Тетово, 9 септември 2021 / Фото: „Слободен печат“/Драган Митрески

Основното јавно обвинителство Тетово до надлежниот суд поднесе Обвинителен предлог против три физички и едно правно лице, кои се товарат дека се одговорни за избувнувањето на катастрофалниот пожар во тетовската ковид-болница на 8 септември лани, кога животот го загубија 14 луѓе.

Двајца се товарат за тешки дела против општата сигурност, еден за непостапување според здравствени прописи, додека правното лице за предизвикување на општа опасност, велат од Обвинителството, кое во соопштението не ги наведува ниту иницијалите на обвинетите. Како што објавија повеќе медиуми, обвинети се поранешниот директор на тетовската Клиничка болница, Флорин Бесими, поранешниот економски директор, како и дежурниот лекар кој се грижел за пациентите тој ден.

-Двајцата првообвинети се товарат дека сториле по едно кривично дело – Тешки дела против општата сигурност по чл.292 ст.4 в.в. со чл.288 ст.4 в.в. со ст.2 од Кривичниот законик, третиот обвинет сторил кривично дело – Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија по чл.206 ст.1 од Кривичниот законик, додека обвинетото правно лице сторило кривично дело – Предизвикување општа опасност по чл.288 ст.5 в.в. со ст.4 в.в. со ст.2 и кривичното дело – Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија согласно чл.206 ст.2 в.в. со ст.1 од Кривичниот законик, информираат од Јавното Обвинителство.

14-темина загинати, од кои повеќето беа пациенти болни од ковид, животите ги загубија на 8 септември 2021 година во пожарот кој избувна во модуларната болница и за неполни 20 минути целосно ја пеплоса. Досега се направија четири вештачења за да се утврдат причините поради кои настана пожарот и да се лоцира одговорноста.

Во октомври лани, по вештачењето на МВР, Обвинителството информираше дека пожарот во модуларната настанал како последица на запален продолжен кабел, на кој бил приклучен дефибрилатор-апарат за реанимација, полнач за мобилен телефон и уште еден уред.

Стручни анализи беа направени од МВР, Технолошкиот факултет, од стручно лице – електроинжинер, како и експерти и истражители од сојузната криминалистичка полиција на Германија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот