Тринаесет универзитети од Бугарија со информативна кампања во Скопје
Тринаесет универзитети од Бугарија денеска во Скопје ги презентираа своите програми и условите што ги нудат за сите средношколци од Македонија кои сакаат високото образование да го продолжат во соседството.
Препорачано
Илијана Атанасова од бугарскиот Културно-информативен центар во Скопје, за „Слободен печат“ изјави дека секоја година интересот е сè поголем кај македонските студенти, а бугарските универзитети нудат многу поволности за сите кандидати од Македонија.

– Програмите се различни за секој универзитет, се студира на бугарски јазик, но и на англиски. Универзитетите во Бугарија се трудат да одговорат на потребите на новите генерации. Се повеќе и повеќе идните студенти се интересираат за нови насоки.

По еден час од почетокот на промоцијата, Атанасова вели дека веќе дошле околу триесеттина средношколци, а според нивните податоци и оваа година очекуваат околу 300 студенти од Македонија да се запишат на бугарските универзитети.

На промоцијата беа присутни претставници од приватни и државни универзитети од Софија, Пловдив, Варна, Плевен и Благоевград.

„Слободен печат“ праша неколку студенти што би сакале да студираат на бугарските универзитети.
– Не знам точно за кој универзитет ќе се одлучам, но би сакала да студирам информатика, раскажува една средношколка.
– Би сакала да студирам општа медицина и протетичар, има време, вели друга.

Од Техничкиот универзитет во Варна велат дека секогаш им е драго кога имаат колеги од Македонија со кои имаат одлична соработка.
Претставници од Факултетот за телекомуникации од Софија раскажаа дека првпат оваа година ја презентираат нивната програма во Македонија и драго им е што можат да ги пренесат предностите што ги нуди нивниот факултет.

Информативната кампања ја организираат бугарското Министерство за образование и наука, Амбасадата на Република Бугарија во Скопје, Генералниот конзулат на Република Бугарија во Битола и Бугарскиот културно-информативен центар во Скопје, а се одржува од 7 до 9 декември во Скопје, Битола и Струмица. Кампањата денеска беше промовирана во Скопје, на 8 декември ќе се промовира во Битола, а на 9 декември во Струмица.

Сите заинтересирани средношколци на самото место имаат можност да се информираат за условите и предностите што ги нудат бугарските високообразовни институции.


