Три жени се убиени во Пуерто Ваљарта, расте стравот од сериски убиец во туристичката локација во Мексико
Стравот од сериски убиец расте во една од најпопуларните туристички дестинации во Мексико, откако телата на три убиени жени беа пронајдени во Пуерто Ваљарта за помалку од две недели, пренесува Гардијан.
Препорачано
Истражителите ги прегледале снимките од надзорните камери, форензичките докази и полициските извештаи за да утврдат дали убиствата се поврзани и дали зад нив би можел да стои сериски убиец.
Најновата жртва била пронајдена на земјен пат во близина на населбата Паркe Лас Палмас, покрај патот Камино Виехо а Мохонерас. Морничавото откритие ги натерало властите да ги споредат околностите на нејзината смрт со два слични случаи кои веќе се под истрага.
Официјални лица велат дека првата жртва била пронајдена на 10 мај во близина на Ранчо Ел Пирули во областа Чимборасо, додека телото на втората жена било најдено неколку дена подоцна на одморалиште покрај патот кон Мисмалоја.
Според првичните извештаи, сите три жени биле на возраст меѓу 30 и 35 години, биле пронајдени делумно соблечени и имале повеќе тетоважи. Секое тело било откриено во изолирани или слабо посетени делови од градот, што дополнително ги засили шпекулациите дека убиствата можеби следат одреден образец. Властите официјално не ги идентификувале жртвите.
Сепак, локалните извештаи сугерираат дека последната пронајдена жена можеби е 22-годишната Елизабет Мартинез од државата Мексико, која била пријавена за исчезната кон крајот на април. Тоа сè уште не е потврдено.
Според Мексико нуз дејли, жртвата имала тетоважи на вратот, раката и подлактицата, вклучувајќи череп, жена со рогови и име истетовирано на подлактицата. На нејзиното тело, наводно, имало знаци од насилство, поради што властите отвориле истрага според протоколите за убиство и фемицид.
Истражителите разгледуваат можност жените да биле убиени на друго место, а нивните тела подоцна да биле оставени во Пуерто Ваљарта.
Тие исто така ги споредуваат доказите од сите три локации за да утврдат дали случаите би можеле да бидат поврзани или сличностите се случајни.
Во меѓувреме, сè поголемите гласини за можен сериски убиец предизвикаа загриженост и кај жителите и кај туристите во оваа крајбрежна дестинација.
Ова доаѓа само неколку месеци откако Пуерто Ваљарта беше потресен од картелско насилство поврзано со картелот „Халиско нова генерација“. Во февруари, запалените автобуси и ограбените продавници го нарушија животот во градот, откако членови на картелот возвратија по информациите за смртта на картелскиот бос Ел Менчо.
ВИДЕО | Хаос во Мексико по убиството на наркобосот Ел Менчо, Американците во опасност
Пол Тумповски, главен директор за приходи во туристичката компанија „Фора травел“, за Њујорк пост изјави дека патниците треба да одржуваат „зголемено ниво на претпазливост — не до степен да си го уништат одморот, туку да бидат паметни“.
„Ова е време кога треба малку повеќе да се размисли и испланира колкав степен на ризик сте подготвени да прифатите“, рече тој.


