Трговијата го возвраќа ударот- некои маркети утре ќе прават попис, а пекарите најавуваат намален дотур!
Додека муштериите ги задеваа дека в петок ќе одмораат, дел од раководителите на маркетите креваат раменици околу исходот од најавите за 31 јануари. Но, како што велат за „Слободен печат“, не правеле зголемени нарачки во четвртокот за да удоволат на евентуалното зголемено пазарење за да се „премости“ бојкотот
Во четвртокот, ден пред најавениот бојкот, во маркетите немаше зголемена продажба, освен во текот на редовната пауза, која службениците ја користат за пазарување. Додека муштериите ги задеваа дека в петок ќе одмораат, дел од раководителите на маркетите креваат рамена околу исходот од најавите за 31 јануари. Но, како што велат за „Слободен печат“, не правеле зголемени нарачки во четвртокот за да удоволат на евентуалното зголемено пазарење за да се „премости“ бојкотот. Интересно е дека во некои од трговските синџири за утре е објавено дека ќе се врши попис на стоката, но дека ќе работат во претпладневните часови.
Препорачано
Дел од поголемите маркети, пак решија да го пресретнат бојкотот, со акции со кои „значително“ ќе се намалеле цените и тоа баш на најпотребните производи.
-Тинекс ги разбира потребите на македонските купувачи и ја започнува кампањата „Твој избор, твоја заштеда“, во рамки на која веќе од 31 jануари и во текот на февруари ќе понуди намалување на голем број производи, кои се неопходни за потребите на едно семејство. Станува збор за производи, кои се клучни за функционирањето на домаќинствата и веруваме дека ќе придонесат во заштеди на семејниот буџет.“ – се вели во соопштението од компаниајта.
Оттаму додаваат дека растот на малопродажните цени се должи на растот на набавните цени. На слична акција неодамна се реши и Веро.
Дел од трговците велат дека и без бојкотот од Нова година наваму, прометот им е намален за дури 70 проценти. Тие велат дека граѓаните се истоштени од многуте празници, а јануари е најдолгиот и најтешкиот месец. Според нив, бојкотот ќе има успех и поради фактот дека најголемиот дел од пензионерите ќе земат пензија на 3 февруари. Поради ова на социјалните мрежи се појавија повици „бојкотот да трае до 3 февруари, бидејќи немало пензии“.
Во меѓувреме како што неофицијално дознава „Слободен печат“ некои од поголемите пекарници им најавиле на дуќаните кои ги снабдуваат со леб, дека в петок ќе одат со намален дотур, веројатно како одговор за најавениот бојкот.
– Веќе добивме известување од фурната што нè снабдува дека ќе добиеме двојно помало количество на леб – ни потврдија од еден дуќан во центарот на Скопје.
Освен што го поддржуваат бојкотот, малите дуќанџии меѓудругото велат дека и тие се револтирани, но од непримената на Законот за нефер практики.
– Во изминатиов период покажа дека џабе се надевавме на овој закон, бидејќи и натаму добиваме енормно ниски рабати од производителите, кои се далеку пониски од пропишаните 10 отсто. Од друга страна, забележуваме дека тоа не важи за големите трговци, кај кои тие останаа и над 20 отсто, што е недозволиво. Затоа секојдневно се расправаме со купувачите, зошто кај нас еден бренд јогурт чини 85, а во дел од маркетите, истиот чини 64 денари – реагираат малите трговци.


