Трет великан: Сји рамо до рамо со Мао и Денг во кинеската комунистичка историја

Сји на седницата на
Сји на седницата на /Фото: EPA-EFE/JU PENG MANDATORY CREDIT EDITORIAL USE ONLY/NO SALES

Пораката на оваа резолуција е дека Кина во времето на Сји станала реална сила на глобалната сцена, оценува аналитичарот Јан Бремер

Комунистичката партија на Кина трет пат ја промени својата историја, за да го впише актуелниот лидер Сји Ѓинпинг меѓу великаните Мао Ѕедунг и Денг Сјаопинг.

Сји е запишан во историјата како „лидер на трансформацијата“ на крајот од четиридневниот состанок на Политбирото зад строго затворени врати. Во објаснувањето е наведено дека на тој начин му е укажана почит на лидерот поради „историските успеси при управувањето на историска трансформација на разни фронтови, од економскиот подем до заштитата на природната средина“. Завршната резолуција му го олеснува патот на Сји в година и трет пат да се кандидира за мандат на лидерската позиција, што не им се случило ни на Мао ни на Денг.

– Кина отвори нови хоризонти во своите дипломатски активности во услови на глобални промени и ги претвори кризите во нови можности. Овие напори резултираа со впечатливо зголемување на меѓународното влијание, привлечноста и моќта на Кина – се наведува во завршниот документ на состанокот на Политбирото.

За светот, пак, ерата на Сји на челото на Комунистичката партија од 2013 година се поклопува со засилената агресивност на Кина на меѓународната сцена, што кулминира со насилното наметнување на авторитарна власт во Хонг Конг, засиленото присуство на морнарицата во спорните води на Јужно Кинеско Море, а особено со воено-политичкиот притисок кон Тајван и заканите за насилно реинтегрирање на островот. И додека Политбирото заклучува дека „Сји ги обединил и ги водел Кинезите од сите народи и етнички групи во борбата за подобар живот“, меѓународната заедница остро го критикува Пекинг поради нарушувањата на човековите права, особено на Ујгурите во северозападниот регион Сјинѓијанг.

Сји веќе со години се сметаше дека е во рангот на двајцата други комунистички великани – Мао, кој ја водеше револуцијата и ја прогласи Народна Република Кина, и Денг, кој спроведе радикални општествени реформи за да ја задвижи сиромашната земја на пат кон развој и постепено прифаќање на пазарната економија. Мао во 1945 година злоупотреби слична резолуција на Политбирото за да ги демонизира своите противници во партијата, а Денг во 1981 година беше првиот лидер што се дрзна да ја критикува крвавата Културна револуција на Мао во претходната деценија, затворајќи го неповратно тоа поглавје од историјата на Кина.

– Пораката на оваа резолуција е дека Кина во времето на Сји станала реална сила на глобалната сцена – оценува Јан Бремер, консултант во аналитичката група Евроазија.

Жан-Пјер Кабестан од Баптистичкиот универзитет во Хонг Конг оцени дека „партијата го ревидира своето минато за да ја прилагоди својата иднина околу Сји Ѓинпинг“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот