Транспаренси Интернешнл констатира судир на интереси во работењето на Агенцијата за филм

Фото АРхива

Транспаренси Интернешнл Македонија констатира постоење судир на интереси во постапувањата на Агенцијата за филм при распределба на средства по конкурс за краткометражни и долгометражни филмови од 2022 година. Износот на тие средства распределени за таа година изнесува преку 4 милиони и 200 илјади евра.

– Укажувањата за постоење судир на интереси се потврдија. Законот за филм изрично забранува проекти да поднесат лица коишто учествуваат во органите за избор или кои работат во Агенцијата. Ние утврдивме ситуација во која проекти поднеле две лица кои учествуваат во органите за одлучување, односно се рецензенти. Тие проекти биле повлечени дури откако Транспаренси Интернешнл започна постапка на мониторинг и анализа, информира претседателката на Транспаренси Интернешнл Слаѓана Тасева на денешната прес-конференција.

Прашањето е, додаде таа, како ќе се спроведеше оваа постапка доколку тие не се заинтересираа и дополнително како се спроведувале другите постапки претходно и дали имало и претходни вакви ситуации за кои никој не се заинтересирал.

– Постои незаконитост во постапката и очигледно постапување во судир на интереси. Втората ситуација на ризик од судир на интереси или на ризик за пристрасно одлучување е кога имаме две лица кои претходно биле разрешени од нивните функции по интервенција од лице коешто сега се јавува како учесник на конкурсот со сопствен проект и тие истите лица му се назначени да ја вршат рецензијата, односно да ја оценат финансиската оправданост на проектот. Ние имаме две ситуации на судири на интереси, кои по својата содржина и форма се различни, но се незаконити и ја загрозуваат легитимноста на постапката за доделување средства по овој конкурс. И затоа бараме овој конкурс да биде повторен, нагласи Тасева, додавајќи дека сите аргументи и елементи ги даваат на располагање на јавниот обвинител.

Како што додаде, во Конкурсот за финансирање на проекти за 2022 година Агенцијата за филм не обезбедила непристрасност и објективност кај сите учесници преку кои се спроведувал овој Конкурси, поради што се исполнети услови истиот да биде оценет како нелегитимен и незаконски.

– Агенцијата за филм со ваквиот начин на работа каде што е евидентен судирот на интереси создава слика дека ги става во повластена положба одредени филмски работници, односно, дозволува фаворизирачко однесување, рече Тасева.

Транспаренси Интернешнл и препорача на Владата преку надлежното Министерство за култура да побара Агенцијата за филм, откако ќе обезбеди непристрасност и објективност кај сите учесници преку кои се спроведуваат Конкурси, да го повтори предметниот конкурс, а надлежните институции, пред се Владата која ги обезбедува средствата за овој
конкурс, да ги преиспитаат постапувањето и одлуките на Агенцијата за филм во овој конкурс и да преземат соодветни мерки во рамки на нивната надлежност.

Оттаму со препораки дека Владата преку надлежното Министерство за култура и Агенцијата за филм треба да воспостават правила и процедура за проценка на ризиците од судирот на интереси, како и назначување на лице за спроведување на систем за управување со нив, но и Владата преку Министерството да воспостави спроведување на систем на санкции за непочитување на правилата со кои се управува судирот на интереси.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот