Трансферот на Дончиќ бил почетокот на крајот за Леброн во Лејкерс?
Помина речиси една недела откако Леброн Џејмс ги извести Лос Анџелес Лејкерс дека нема да настапува за тимот следната сезона, но според последните информации, клубот бил подготвен за такво сценарио.
Препорачано
Според НБА-инсајдерот Рик Бјукер, кој во својата емисија истакна дека Лејкерси почнале да се подготвуваат за живот без Џејмс уште во 2025 година, кога преку спектакуларна размена го доведоа Лука Дончиќ.
Where will LeBron James play next season? https://t.co/SJjaLAY496 pic.twitter.com/QYAQzSgN78
— Barstool Sports (@barstoolsports) July 6, 2026
„Морав да се насмеам кога беше објавено дека Леброн ги известил Лејкерси дека нема намера да игра за нив следната сезона. Иако клубот планирал токму такво нешто“, изјави Бјукер.
„Но, мора да им се оддаде признание што му дозволија на Леброн да ја претстави ситуацијата на тој начин и достоинствено да си замине.“
Бјукер ги критикуваше и Џејмс и неговиот агент Рич Пол, откако тие тврдеа дека речиси секој НБА-клуб бил заинтересиран да го ангажира Леброн.
„Ако тимовите беа навистина заинтересирани, немаше тој да мора да им се јавува“, рече Бјукер.
На 41-годишна возраст, Џејмс зад себе има сезона во која одигра 60 натпревари во регуларниот дел, со просек од 20,9 поени, 6,1 скок и 7,2 асистенции по натпревар. Иако сè уште игра на високо ниво, неговите бројки се под неговиот просек кој изнесува 26,8 поени, 7,5 скока и 7,4 асистенции.
„Ова е знак дека Леброн и Рич Пол тешко се помируваат со новата реалност, дека Леброн повеќе не ја има истата вредност како порано. Тој повеќе не располага со влијанието што некогаш го имаше“, додаде Бјукер.
„Тоа не е критика. Едноставно, никој нема да инвестира огромни ресурси во играч кој следната сезона ќе наполни 42 години, а со себе носи и огромно медиумско внимание.“
Во 2025 година Лејкерси го шокираа НБА-светот кога го испратија Ентони Дејвис во Далас Маверикс во рамки на размена со три екипи, во која учествуваше и Јута Џез, а за возврат го добија Лука Дончиќ.
Дончиќ само една сезона претходно ги предводеше Маверикс до финалето на НБА, а во моментот на размената имаше одлична сезона со просек од 28,1 поен, 8,3 скока и 7,8 асистенции по натпревар.
Иако сè уште не е познато каде Леброн ќе ја продолжи кариерата, јасно е дека тоа нема да биде во Лејкерс, бидејќи франшизата целосно се насочи кон градење на тимот околу Лука Дончиќ.
Во меѓувреме, Лејкерс преку „sign-and-trade“ договор со Јута Џез го доведоа центарот Вокер Кеслер, при што во зделката беа вклучени и повеќе избори од драфтот.
Покрај тоа, клубот ги ангажираше Квентин Грајмс, Сандро Мамукелашвили и Колин Секстон.
Лејкерси потпишаа и нов четиригодишен договор со Остин Ривс вреден 185 милиони долари, со што тој стана најплатениот кошаркар во историјата на НБА кој никогаш не бил избран на драфтот.
Реал Мадрид го ангажира тренерот кој правеше чуда со Валенсија


