Доналд Трамп / Фото: EPA/SHAWN THEW / POOL

Трамп со нови закани до Техеран: На ред се мостовите, па електраните

Американскиот претседател Доналд Трамп упати нова закана до Иран на „Truth Social“, велејќи дека американската војска сè уште не започнала со напади врз клучна инфраструктура.

„Нашата војска, најголемата и најмоќната (убедливо!) насекаде во светот, дури и не почнала да го уништува она што останало од Иран. Следно се мостовите, па електраните! Новото раководство на режимот знае што треба да се направи и тоа треба да се направи брзо!“, напиша Трамп на својата мрежа Truth Social.

Ова се можеби едни од најтешките закани досега, во кои Трамп отворено најавува можни напади врз цивилната инфраструктура.

Експертите предупредуваат за можни воени злосторства

Во меѓувреме објавата на Трамп доаѓа кога расте загриженоста за легалноста на американските напади.

Повеќе од 100 експерти за меѓународно право во САД, вклучувајќи професори од „Харвард“, „Јеил“, „Стенфорд“ и Универзитетот во Калифорнија, потпишаа отворено писмо во кое предупредуваат дека американските напади врз Иран би можеле да претставуваат воени злосторства.

Во писмото, објавено на веб-страницата на списанието „Just Security“, се наведува дека однесувањето на американските сили и изјавите на официјалните лица предизвикуваат сериозна загриженост за кршење на човековите права и меѓународното хуманитарно право, вклучително и потенцијални воени злосторства.

Нападите врз училишта, здравствени установи и домови се особено значајни, вклучително и гранатирањето на женското училиште во Иран на првиот ден од војната. Американската војска објави во март дека го истражува нападот, додека иранската Црвена полумесечина тврди дека се убиени 175 лица.

Закани за ескалација и напади врз енергетската инфраструктура

Во своето обраќање до нацијата во средата навечер, Трамп ја објави можноста за понатамошна ескалација на војната доколку Иран не ги прифати условите на Вашингтон.

-Ќе ги удриме многу силно во следните две до три недели. Ќе ги вратиме во „камено време“, каде што им е местото – рече тој во телевизиско обраќање.

Експертите за меѓународно право, исто така, предупредуваат за неговите претходни изјави, вклучително и онаа од средината на март кога рече дека САД би можеле да го нападнат Иран „само за забава“. Во писмото се цитираат и изјавите на министерот за одбрана Пит Хегсет, кој рече дека САД не се борат според „глупави правила“.

Водечката американска муслиманска организација CAIR предупреди, како што објави Ројтерс, дека реториката на Трамп, вклучително и заканата за враќање на Иран „во камено време“, е дехуманизирачка.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот