Донал Трамп, Николас Мадуро, Али Хамнеи и Ким Џон Ун , колаж - Извор Оружје-онлајн

Трамп „го обезглавува“ меѓународниот легитимитет, по Мадуро и Хамнеи, дали Ким Џонг Ун на ред?

Глобалната геополитичка шаховска табла сѐ повеќе престанува да наликува на поле на дипломатија, а сѐ повеќе на арена на сурови пресметки. Во таков амбиент, Соединетите Американски Држави, под контроверзното и непредвидливо водство на Доналд Трамп, сè почесто се поврзуваат со стратегија на таканаречени „напади со обезглавување“ кои се директно насочени кон таргетирање на политички и воени лидери.

Ваквата стратегија за елиминирање на лидерите, која во минатото се сметаше за крајна и крајно контроверзна мерка, денес повторно се наметнува како еден од инструментите во арсеналот на американската надворешна и безбедносна политика. Ваквиот пристап, според дел од аналитичарите, ја зголемува глобалната неизвесност и отвора нови дилеми за иднината на меѓународниот поредок.

Хроника на нападите: Од Мадуро до Хамнеи

Сè започна со невиденото киднапирање на венецуелскиот претседател Николас Мадуро и неговата сопруга Силија Флорес на 3 јануари 2026 година. Нивниот трансфер во Соединетите Американски Држави беше првиот сериозен сигнал дека влегува нова фаза во меѓународните односи.

Но, операцијата „Епски бес“ против Иран ги надмина сите преседани, наведува во своја анализа порталот „Оружје-оналјн“. Атентатот врз врховниот лидер ајатолахот Али Хамнеи не беше само воен успех. За многу аналитичари, тоа претставуваше соборување на самиот концепт на национален суверенитет.

Стратегијата за „обезглавување“ претпоставува дека непријателот може да биде парализиран со удар врз неговото политичко и воено раководство. Политикологот Роберт Пејп ја опишува оваа логика едноставно: ако го уништите мозокот, телото умира.

Сепак, овој пристап често ги игнорира долгорочните последици. Отстранувањето на врвот на владата често создава вакуум во моќта што може да отвори врата кон хаос, радикализација и култ на мачеништво, пишува порталот.

Кој е следен?

Во таков контекст, се поставува прашањето кој би можел да биде следната цел. Едно од имињата што се споменуваат во аналитичките кругови е севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун. Според некои аналитичари, Пјонгјанг внимателно ги следи случувањата.

Во политичкиот систем што постои во Северна Кореја, каде што моќта е силно персонализирана, идејата за „обезглавување“ на режимот не се перцепира како теоретска можност, туку како егзистенцијална закана.

Како резултат на тоа, лидерите и командните центри сè повеќе се повлекуваат, ги распрснуваат своите структури и избегнуваат директна комуникација. Таквата ситуација, според некои проценки, ги претвора одредени земји во еден вид „држави-духови“ под постојано чувство на опсада.

Наследството на Израел и американското лицемерие

Соединетите Американски Држави не го измислија овој модел на дејствување, туку значително го развија, потпирајќи се на искуствата на нивниот близок сојузник Израел.

Книгата на Ронен Бергман „Стани најпрво па пота убиј“ го опишува обемот на израелските операции за целни атентати во текот на изминатите децении. Според авторот, израелските разузнавачки служби извршиле илјадници атентати низ целиот свет.

Во самите Соединети Американски Држави, оваа практика има сложен политички контекст. Трамп често се претставува како нејзин највидлив извршител, но правната рамка за целни атентати е воспоставена години порано.

За време на администрацијата на Барак Обама, бројот на вакви операции значително се зголеми, потсетува порталот. Потоа беше воведен концептот на „законска употреба на смртоносна сила“, кој ги претставуваше операциите за атентат како дел од легитимна воена акција. На овој начин, Извршната наредба 12333 на Роналд Реган, која експлицитно забрануваше политички атентати, беше заобиколена, пишува порталот.

Тактичка победа, стратешка дилема

Сепак, едно прашање останува неодговорено а тоа е што ќе се случи потоа? Кога Доналд Трамп беше прашан од новинарите со кого ќе преговараат САД по бомбардирањето, неговиот одговор предизвика изненадување.

„Повеќето од луѓето што ги имавме на ум се мртви. Наскоро нема да знаеме никого“, рече тој, според транскриптот на Си-ен-ен.

Оваа изјава, заедно со фактот дека американскиот државен секретар Марко Рубио не презентираше јасен план за политичка реконструкција по воените операции, ги наведе некои коментатори да заклучат дека стратегијата на САД се повеќе се сведува на воени тактики без долгорочна политичка визија.

Новинарот Дејвид Игнатиус го опишува овој феномен како трансформација на „обезглавувањето“ во стандарден модел на американско војување, во својата колумна за „Вашингтон пост“.

Во таква логика, тактичкиот успех честопати го надминува стратешкото планирање. Уништувањето на структурите на моќ и елиминацијата на противниците може да донесе краткорочни резултати, но во исто време создава нови конфликти и нови противници.

Додека светот влегува во 2026 година, многумина веруваат дека меѓународниот поредок е понестабилен од кога било. Во такви околности, се поставува прашањето дали стратегијата на сила може да ја замени дипломатијата на долг рок, или само ја продлабочува спиралата на конфликтот, анализира порталот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот