Трајанов бара уште 50 борци против криминалот и корупцијата со плати од по околу две илјади евра

Павле Трајанов, лидер на ДС/Фото: Демократски сојуз

Нова, целосно департизирана агенција со 50 вработени со посебни овластувања и со плати од по околу две илјади евра, која ќе се бори против криминалот и корупцијата на највисокото ниво, предлага пратеникот и лидер на Дeмократски сојуз Павле Трајанов со образложение дека само така ќе се отвори вистинска, а не само вербална војна против организираниот криминал и високата корупција.

Тој веќе го подготвил и законскиот текст, а неговата содржина веќе ка стави и на јавна расправа.

– Со овој закон, надвор од центрите на политичка и партиска моќ, се формира независна агенција за борба против тешките облици на организиран криминал и висока корупција, која ќе работи на откривање на кривични дела сторени од носители на јавни функции и други вклучени во организираниот криминал. Една од суштинските цели на законот е агенцијата да биде отпорна на дневно-политичките притисоци, бидејќи еден од најголемите проблеми со кои се соочуваа РСМ е партизацијата. А таа, според принципот на сврзани садови, продуцира партократија, која произведува клептократија, коруптократија и клиентелизам. Крајниот резултат е нефункционално, криминализирано и криминогено општество, лабава институционализација и висок степен на волунтаризам на политичките лидери – се вели во текстот.

Трајанов пак, во интервју за МИА открил дека вработените кои би требало да бидат околу 50, ќе имаат посебни овластувања. При вработувањето ќе треба да поминат и полиграфско тестирање со што би докажале дека ќе имаат чесни намери во извршувањето на нивната задача. Предлогот е да имаат плата од околу две илјади евра, со кои примања, според Трајанов, ќе се намали можноста за нивна корумпираност и ќе имаат можност професионално да ги извршуваат истражувањата за криминал и корупција. Агенцијата ќе има директор поставен од борд од 15 члена од повеќе области, меѓу кои професори, новинари, обвинители, пратеници…

– Се покажа дека досегашните институции се партизирани. Значи со нив раководат партиски луѓе, тие што ги поставува партијата. Тие не се отпорни, не се имуни на партиските, не се отпорни на бизнис-влијанијата, на коруптивните процеси што се случуваат во државата. И затоа предлагаме независна агенција, каде што директорот ќе го поставува борд од 12 или 15 еминентни, почитувани луѓе со интегритет… – појаснил Трајанов.

Агенцијата, според објаснувањето, треба да ги открива скриените имоти на функционерите и на службениците инволвирани во криминал, да иницира постапки за кривична одговорност на носителите на јавни функции, да предлага конфискација на имот стекнат на криминален начин…

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот