Тортевски: Поради колегијалната солидарност обвинителите си допуштаа да чуваат предмети во фиока
Систем за следење претставки и пријави, како и формирање и доекипирање на истражните центри во јавните обвинителства се две од мерките преку кои Владата очекува да се стави крај на коруптивните практики во правосудните органи.
Препорачано
Засега не се споделуваат детали за тоа како е замислен системот за следење на претставките, а одговор нема ниту од Основното јавно обвинителство. Според дел од правниците важно е како овој систем ќе се спроведе во практика и дали би успеал да ги испорача посакуваните резултати, кога веќе Советот на јавни обвинители не бил на нивото на задачата.
-Што се однесува до системот за следење на претставките треба јасно да се знае кој ќе ги гледа претставките, односно дали ќе се постигне неопходната објективност, што е значајна работа. Од друга страна, има луѓе што не знаат како функционира Обвинителство и пишуваат претставки кои навистина воопшто не се за разгледување. Но, оваа надлежност беше во рамки на Советот на јавни обвинители, кој очигледно како ништо да не работи. Токму тие ја познаваат проблематиката и треба да знаат дали некој обвинител постапувал или пак не по претставките. Сепак, заради колегијалната солидарност тоа тешко функционира, оценува Тортевски.
Во меѓувреме тече рокот од еден месец кој Николовски им го даде на Министерството за правда и Јавното обвинителството за да дадат предлози за бројката на потребниот кадар и за изготвување на контурите на системот за следење на претставките и пријавите. Вицепремиерот периодов се впушти и во презентирање на мерките на државниот врв, односно претседателот на државата Стево Пендаровски и претседателот на Собранието, Талат Џафери, а поддршка за Планот за борба против корупција изрази и евроамбасадорот Дејвид Гир, кој посочи дека Европската унија како стратешки партнер, стои на располагање за натамошна соработка и помош за имплементација на мерките.


