Томовски, Сајкоски и Ковачки во трка за нов генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ

Централниот комитет на состанокот в петок на предлог на лидерот и премиер Христијан Мицкоски ќе го избере новиот состав на Извршниот комитет и новото раководство на партијата. Мицкоски нема да предложи нови потпретседатели, односно партијата до следниот конгрес и избор на нов лидер ќе функционира само со генерален секретар

Директорот на Службата за општи и заеднички работи на Владата Ивица Томовски, пратеникот Драган Ковачки и актуелниот генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник Ѓорѓија Сајкоски се трите имиња што се во најтесен избор за нов ген-сек на владејачката партија, брифира за „Слободен печат“ висок функционер на ВМРО-ДПМНЕ.

Централниот комитет на состанокот в петок на предлог на лидерот и премиер Христијан Мицкоски ќе го избере новиот состав на Извршниот комитет и новото раководство на партијата. Мицкоски нема да предложи нови потпретседатели, односно партијата до следниот конгрес и избор на нов лидер ќе функционира само со генерален секретар, опција која претседателот на ВМРО-ДПМНЕ ја најави како можна.

Томовски и Сајкоски неофицијално беа двете имиња што се споменуваа во јавноста за функцијата генерален секретар, додека Ковачки првпат неофицијално влегува во најтесниот круг за предлог за нов ген-сек. Дали Ковачки ќе биде адутот на Мицкоски, ќе се знае веќе в петок. Крилото во партијата кое лобира за смена на генералниот секретар го туркаше Томовски за таа позиција, како добар теренец. Од друга страна, крилото кое смета дека Сајкоски треба да остане на функцијата, истакнува дека тој е еден од најзаслужните за победата на локалните избори во Кичево, каде што по 12 години владеење на Фатмир Дехари од ДУИ, победата ја однесе Александар Јовановски, но и поради целата организација на изборите, логистиката и изборот на кандидатите за градоначалници.

Мицкоски најави и освежување на Извршниот комитет (ИК) и според информациите, актуелните потпретседатели Александар Николовски, Гордана Димитриевска-Кочовска, Тимчо Муцунски и Владо Мисајловски остануваат членови во ИК, Луке Галески секретар за односи со јавноста на Владата, како и пратениците Антонијо Милошоски и Никола Мицевски, а промени се најавуваат во раководствата на Унијата на млади сили каде што претседател е Сергеј Попов и во Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ на чело со Жаклина Пешевска.

Мицкоски на брифинг со новинарите пред Конгресот на партијата што се одржа во декември лани потврди дека ја разгледува опцијата партијата да нема потпретседатели и дека доколку се одлучи за таа варијанта, тоа би било во насока да нема фаворизација при изборот на нов лидер на партијата на следниот конгрес. Комплетното структурирање на партијата, очекува да заврши кон крајот на март. Тој тогаш најави дека му е последна кандидатура за партиски претседател, односно тој на 6 декември како единствен кандидат третпат беше избран за претседател на ВМРО-ДПМНЕ и рече дека во таа насока нема да бара измени на партискиот статут. Тоj тогаш најави дека постконгресно ќе следува „катарза во партијата“ и појасни дека во партијата станува збор за тим луѓе што, особено кај општинските комитети и централните и републички комисии, односно во структурите на партијата, работат осум години заедно. Тоа, според него, е предолг период, па во одредени делови е потребно освежување со нова енергија.

– Некаде има прилично поклопување на обврските и не може тоа да не влијае врз ефикасноста, така што можеби треба некоја нова свежина имајќи предвид што ќе следува – рече на брифингот Мицкоски и додаде дека станува збор за „мека транзиција“.

Последното освежување на Извршниот комитет беше во 2022 година кога за нови потпретседатели беа избрани Муцунски и Димитриевска-Кочовска. Николоски и Мисајловски, пак, се партиски потпретседатели уште од 2017 година по првиот избор на Мицкоски за лидер на ВМРО-ДПМНЕ.

 

Во Вреди не можат да се договорат за министрите, ќе ја почекаат реконструкцијата?

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот