Фото: Слободен печат

Во Вреди не можат да се договорат за министрите, ќе ја почекаат реконструкцијата?

Уште нема договор дали Беким Сали ќе биде прв вицепремиер за добро владеење на местото на Арбен Фетаи, а Фетаи да биде министер за европски прашања на местото на Орхан Муртезани. За Муртезани, пак, се предлага да седне во заменик-министерската фотелја за одбрана

Ако до утре, за кога е закажана првата собраниска седница по локалните избори, Вреди не достави предлози за нов прв вицепремиер и за министер за животна средина, пополнувањето на испразнетите места во Владата, најверојатно ќе ја чека реконструкцијата на „Илинденска“, која премиерот Христијан Мицкоски ја најави по конгресот на ВМРО-ДПМНЕ, закажан за 6 декември, брифираат за „Слободен печат“ извори од власта.

Во Вреди тешко одат преговорите која од партиите да отстапи ресор, односно уште нема договор дали Беким Сали ќе биде прв вицепремиер одговорен за добро владеење на местото на вицепремиерот Арбен Фетаи, кој, пак, би бил министер за европски прашања на местото на Орхан Муртезани, а Муртезани да седне во заменик-министерската фотелја за одбрана.

беким сали
Беким Сали / Фото: „Слободен печат“, Драган Митрески

„Слободен печат“ веќе објави дека тоа е комбинацијата што Вреди, ако се договори, ќе му ја предложи на Мицкоски за пополнување на испразнетите места во Владата, откако Изет Меџити стана градоначалник на Чаир. За министер за животна средина Вреди калкулира меѓу Недим Рама, поранешен шеф на кабинетот на Меџити во Министерството за животна средина, и Мухамед Хоџа, портпарол во владите на Зоран Заев и на Димитар Ковачевски.

Според извори од Вреди, додека на Алтернатива ѝ се брза и притиска Сали што поскоро да стане прв вицепремиер, другите партнери во коалицијата уште не се изјаснуваат. Ниту една од партиите што се дел од Вреди – Алтернатива, Беса, Демократско движење и крилото на Алијанса за Албанците, предводено од Фетаи, не ги „поминале“ предлозите низ партиските органи. Неофицијално, и во Алтернатива не се сите задоволни од понудата, бидејќи ќе треба да отстапат министерска функција.

Ивица Томовски – генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ?

Висок функционер од ВМРО-ДПМНЕ вели дека чекаат Вреди да им достави предлог, во спротивно испразнетите места ќе се пополнат при реконструкцијата на Владата.
Премиерот не откри детали од преговорите со Вреди.

– Во рамките на коалицијата траат разговорите – изјави Мицкоски на прашање дали се утврдени ресорите со Вреди.

Ивица Томовски / Фото: Фејсбук

Прашан дали ќе има промени на ресорите чии први луѓе доаѓаат од ВМРО-ДПМНЕ, премиерот рече дека тие во овој момент се фокусирани на организирање на партискиот конгрес.
Мицкоски веќе најави дека паралелно со освежувањето во партијата, ќе има и освежување на „Илинденска“. Веќе се лиферуваат информации дека со реконструкцијата, ВМРО-ДПМНЕ ќе инсистира да го земе ресорот здравство, а смени се најавуваат и во министерствата за правда, кое го предводи Игор Филков од ЗНАМ, во земјоделие, на чие чело е Цветан Трипуновски од ВМРО-ДПМНЕ, и во економија – Бесар Дурмиши од Вреди…

На Конгресот на ВМРО-ДПМНЕ, како што веќе објавивме, не се очекува Мицкоски да има противкандидат за лидерската функција во партијата, но се очекува проветрување на Извршниот комитет. Крило во партијата веќе лобира на смена на генералниот секретар и се споменува Ивица Томовски, актуелен директор на Службата за општи и заеднички прашања на Владата. Од друга страна, од партијата брифираат дека нема шанси Мицкоски да го смени актуелниот генерален секретар на партијата, Ѓорѓија Сајкоски, не само поради тоа што е најзаслужен за победата на локалните избори во Кичево, каде по 12 години владеење на Фатмир Дехари од ДУИ, победата ја однесе Александар Јовановски, туку и поради целата организација на изборите, логистиката и изборот на кандидатите за градоначалници. Најава има и дека ќе има освежување и меѓу партиските потпретседатели.

Сајкоски: Преговорите се во почетна фаза и ќе продолжат

И Сајкоски во интервју за ТВ Сител потврди дека Мицкоски, на седницата на Извршниот комитет на партијата, ги информирал дека се почнати преговори со партнерите во Владата за најавената реконструкција и дека дел од нив доставиле свои барања. Според информациите што ги добиле, преговорите се во почетна фаза и ќе продолжат во наредниот период.

– Од она што претседателот (Христијан Мицкоски) го запозна Извршниот комитет започнати се преговори со политичките чинители во Владата. Ова е во почетна или прва фаза од преговорите, каде што се доставени барањата од дел од политичките субјекти, но Владата, односно премиерот ќе преговара во понатамошниот тек, па сигурно ќе биде навремено информирана јавноста – рече Сајкоски.

Ѓорѓија Сајкоски

Тој рече дека верува оти и Вреди и ЗНАМ се политички субјекти кои се голема поддршка на Владата и дека така ќе остане и во следниот период.
Прашан какво е расположението во ВМРО-ДПМНЕ во врска со, условно кажано, амбицијата на Вреди, покрај позицијата прв вицепремиер да добие уште едно место, односно Министерството за животна средина, или некое друго да раководи друг кандидат од оваа коалиција, Сајкоски рече дека не разговарале во партијата на оваа тема.

– Меѓутоа, мислам дека Вреди може разумно да процени за она што и како ќе дејствува во следниот период. Знае дека има максимална поддршка од ВМРО-ДПМНЕ, така што мислам дека ќе имаме еден позитивен процес и ќе имаме навистина силна Влада за да може да ги надмине сите предизвици што нè очекуваат – рече Сајкоски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот