Ивица Томовски / Фото: Фејсбук

Томовски бара извинување од СДСМ – тврди дека нема удел во компанијата со тендери

Директорот на Службата за општи и заеднички работи Ивица Томовски во реакција на прес – конференцијата на СДСМ бара партијата да се извини, а во спротивно најави тужба.

-Посочената компанија не е моја, ниту пак имам било каков удел во нејзе. Јас во моментов немам никаква приватна компанија и единствено сум насочен кон мојата работа како директор на Службата за општи и заеднички работи. Целиот мој живот работам чесно, одговорно и посветено, така и ќе продолжам. СДС ќе мора да се извини поради изнесените клевети, во спротивно ќе поднесам тужба пред надлежните органи. Власта е одговорност и таму не се доаѓа со пазарџиски финти, клевети. Очигледно тоа е нивната понуда, а народот ќе суди, впрочем како што им пресуди на последните избори. Слободно сите можни институции да проверат сè, а искрено од СДСМ не очекувам извинување затоа што за извинување потребна е доблест и морал, а тоа одамна видовме дека го немаат – пишува Томовски.

Со реакција излезе и компанијата „Сити Аутсорсинг“ која според СДСМ е семејна фирма на Томовски и добила вкупно 161 тендер од државата во вредност од речиси 5.5 милини евра.

-Сити Аутсорсинг како компанија која повеќе години успешно работи на пазарот, со над 70 вработени и со целосно, редовно подмирување на сите законски обврски кон државата и вработените, изразува длабока загриженост и разочараност од обидите да се наруши угледот и интегритетот на компанијата, се вели во соопштението на компанијата која денеска беше посочена од СДСМ за наводна вмешаност во незаконски активности, поврзувајќи го и директорот на СОЗР, Ивица Томовски, со тоа. Без да навлегуваме во политички пресметки или дневно-политички наративи, категорично ги демантираме сите изнесени наводи со кои се поврзува споменато лице со нашата компанија. Истото лице нема никаква деловна, кадровска или друга поврзаност со „Сити Аутсорсинг“. Компанијата од своето основање до денес бележи континуиран и стабилен раст, резултат на професионално, одговорно и законито работење. Дополнително, дел од овој раст произлегува од затворањето на две други компании на пазарот, што создаде можност за преземање дел од нивните претходни обврски и клиенти – велат од компанијата.

Семејната фирма на директорот на СОЗР добила 161 тендери за 5,3 милиони евра, објави СДСМ

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот