Тодоров: Ниту некој врши притисок врз Комисијата, ниту се членовите предавници

проф. Петар Тодоров, историчар /Фото: Утрински брифинг

Петар Тодоров, членот на македонскот дел на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања на Северна Македонија и Бугарија, тврди дека никој во земјава не врши политички притисок во работата на оваа Комисија. Ние, вели тој, работиме на научни принципи со заштита на националните интереси и никако не може да стане збор дека вршиме некакво предавство на овие интереси.

-Досега сите ние во Комисијата заедно со колегата Ванчо Ѓорѓиев заедно сме постигнале решенија и препораки до двете влади за кои сметаме дека помагаат во надминување на проблемите кои постојат во двете држави зачувувајќи ги националните интереси на македонската држава, на Македонците и другите етнички заедници. Никогаш научните принципи не биле предмет на компромис или на дискусија во рамките на тимот. Секогаш сме се држеле до научните принципи во работата на Комисијата и тие ќе останат непроменети, рече Тодоров во гостување на ТВ Сител.

Тој нагласи дека ниту тој, ниту било кој друг член на Комисијата трпел некаков притисок од Министерството за надворешни работи, од Владата или од некоја политичка партија.

-Најодговорно тврдам дека во ниту еден случај никој не дошол, дали станува збор за некој чиновник од МНР или политичар, да дојде да ни каже вака или онака треба да работите за да се дојде до решението, рече Тодоров.

Додаде дека кај сите во земјава, па и посочените субјекти, има интерес за тоа што го работи Комисијата, бидејќи, како што рече, нејзината работа за жал, поради бугарската страна и нивниот пристап, се нашла во фокусот на интересот на политичката јавност во Софија и Скопје, но и во Брисел, Париз и Берлин.

Според него, ништо не е променето во последните два дена во однос на тоа што се работело во изминатиот период иако, како што рече, неговиот колега Ѓорѓиев, тоа го кажува како причина за оставката.

-Денеска и вчера разменетите предлози и предлог идеи во ништо не отстапуваат од оние што беа разменетои во изминатиот период, рече Тодоров.

Тој ја коментираше и изјавата на Ангел Димитров, потпретседател од бугарска страна, кој рече дека работата одела добро, но оти вчера попладне настанал прекин во работата.

-Јас морам да реагирам и да кажам дека тоа се случи сабајлево, а не вчера. Откако вчера го доставивме предлогот, сабајлето кај нив нешто се случи и почнаа одеднаш да ја засилуваат реториката, иако претходно рекоа дека треба да продолжи работата, рече Тодоров.

Тој нагласи дека не може да тврди оти бугарскиот дел од комисијата трпи некаков политички притисок од нивна страна, но, како што рече, се забележува промена во однесувањето на нејзините членови по усвојувањето на Рамковната позиција во бугарското Собрание во октомври 2019 која се однесува на ова прашање и по објаснувачкиот Меморандум по однос на преговарачката рамка за разговори меѓу ЕУ и Северна Македонија.

-Се почувствува одеднаш прилагодување на бугарската комисија кон тие документи и одлуки што доведе до тоа се потешко и потешко да работи Комисијата, рече тој.

Според него, Комисијата треба да продолжи да работи и да се оневозможи историјата да биде алатка за радикализација на луѓето за политички цели.

-Не може да се расправаме за историјата. Треба да се уважуваат различните погледи за минатото кои постојат во двете држави. Само преку градење на емпатија и разбирање на погледите може да дојдеме до таа заедничка цел, а тоа е градење добри односи. Ако едната страна се обидува да наметне наратив на другата страна, нема решение, рече Тодоров.

Тој смета дека за решавање на овие прашања треба да има поголем форум на научници, да се вклучат повеќе, но не, како што потенцира, со претходни мотиви како да не биде постигнат довогор и како да си ја злоупотребуваме историјата и тука и таму, туку како да ги надминиеме проблемите и притоа да се уважува другиот и да се почитува неговиот идентитет, рече Тодоров. Според него, за да се постигне решение е потребна самокритичност и од бугарската страна во поглед на историјата и нејзиното толкување.

Тодоров нагласи дека секое решение до кое досега дошла Комисијата е во согласност со националните интереси.

-Никој не врши предавство и затоа никој да не ја злоупотребува Комисијата и нашата работа за да се промовира тој пристап. Ние во Комисијата сметаме дека ако треба може да се објават уште сега во овој момент решенијата на Комисијата за да се разбие таа фама дека нешто се продава и ќе се види многу јасно што е договорено и ќе се види дека нема никакви предавства со кои се манипулира во јавноста. Јас да можам да ја имам таа моќ веднаш би ги објавил. Тврдам дека нема никакво предавство, рече Тодоров.

Извор: МИА

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот