Тивок подем на Лабуристите пред Конзервативците во британските анкети

Лабуристи/Фото EPA-EFE/ADAM VAUGHAN

Економската криза во која се најде Британија ги натера Британците уште од сега да размислуваат за животот по премиерката Лиз Трас

Најновите анкети во Велика Британија сугерираат дека опозициската Лабуристичка партија има ретка предност пред владејачките Конзервативци. Најстариот британски дневен весник, „Тајмс“, ги објави податоците од истражувањето на организацијaта „ЈуГов“, кои покажуваат најголем раст во популарноста кај Лабуристите во последниве две децении.

Според анкетата на „ЈуГов“, опозициската партија е со 17 поени пред владејачката, поддршка која Лабуристите „не ја почувствувале“од 2001 година, кога премиер беше Тони Блер.

Актуелната британска премиерка Лиз Трас, која пред помалку од еден месец дојде на чело на државата, уште од самиот старт се соочи со огромни предизвици. Но, Трас не е единствената чие лице секојдневно се појавува на насловните страници на британските весници. Тука е и новоименуваниот министер за економија, Кваси Квартенг, чии политики се под силен удар на јавноста.

Трас и Квартенг/ Фото Martyn Wheatley / Zuma Press / Profimedia

Нервозни и самите Конзервативци

Самите пратеници од Конзервативната партија се гневни на политиките на Трас и Квартенг. Најголемиот проблем со кој се соочува владејачката партија на Британија е внатрешната поделба, смета влијателниот британски весник „Гардијан“.

Некои Ториевци (како што се нарекуваат членовите на Конзервативната партија) сега размислуваат на тоа дали го направиле вистинскиот избор, назначувајќи ја Трас за наследник на Борис Џонсон. Други пак, стравуваат дека нова промена на чело на партијата би можело да значи предвремени парламентарни избори во земјата.

Поделбите во владејачката партија, можеби и очекувано, ги искористи опозициската партија, смета новинската агенција „Ројтерс“.

На последната седница на британскиот парламент, опозицијата ја обвини Владата дека британските пазари загубиле 500 милијарди долари по доаѓањето на власт на Лиз Трас.

Но, Лабуристите се чини дека не се најгласните критичари на политиките на новата британска влада. Поддржувачите на Риши Сунак, Конзервативецот поразен од Лиз Трас за шеф на партијата, „длабоко се загрижени“ за политиката на новата Влада, пишува „Гардијан“.

Ториевците ја повикаа премиерката Трас или да го смени министерот Квартенг или да најде начин како да се справи со економската криза.

Кваси Квартенг/ Фото EPA-EFE/NEIL HALL

Досадните Лабуристи

Лабуристите одамна не уживале некоја посериозна популарност во британската јавност. Самиот факт што Тони Блер (на власт од 1997 д 2007 година) е последниот премиер од Лабуристичката партија, проследен од Гордон Браун (2007 до 2010 година), Дејвид Камерон (2010-2016 година), Тереза Меј (2016-2019), Борис Џонсон (2019-2022 година) и актуелната Лиз Трас. Сите наследниви на Блер доаѓаат од Лабуристичката партија.

Поранешниот лидер на опозицијата и актуелен пратеник во собранието, Џереми Корбин, на два пати беше поразен (2017 и 2019 година). Тој остана еден од познатите и почитуваните Лабуристи во последниве години во Британија, иако на изборите во 2019 година се соочи историски највисоката победа на Конзервативците предводени од, тогаш поранешниот градоначалник на Лондон, а потоа и премиер, Борис Џонсон.

Тони Блер / Фото: Профимедиа

Актуелниот опозициски лидер, Кир Стармер медиумите на островот го опишуваат како политичар кој треба дополнително да го гради својот карактер во очите на јавноста доколку сака да дојде на власт. „Политико“ него го оценува како „досаден“ и политичар во кој Британците не гледаат многу ентузијазам.

Но, сепак аналитичарите сметаат дека ова е најдобра шанса за него и неговата партија да се покажат во јавноста. Ужасната економска криза која ја тресе Британија го разбуди гневот кај жителите на островот, а премиерката Лиз Трас постојано повторува дека таа нема да ја промени својата политика.

Стармер е две и пол години лидер на опозицијата, а набљудувачите на британската политичка сцена сметаат дека тој има голема прилика да ги „бутне“ Конзервативците на чело со Трас, прилика што ја пропушти додека на чело на државата беше Џонсон.

Кир Стармер/ Фото EPA-EFE/NEIL HALL

За да се стави крај на 12-годишната доминација на Конзервативците во Британија, Стармер има „еден куп“ работа, пишува бриселски „Политико“. Но, членовите на партијата имаат причина за оптимизам.

Работничката класа во Британија е докажан поддржувач на Конзервативната партија. Но, во Лабуристичката партија сметаат дека тие можат да ги добијат нивните гласови, откако скандалите на Џонсон, договорот за Брегзит, новите политики на Трас, проблематичната зима, се само неколку од причините за падот во популарноста на владејачката партија.

Скандали ја „тресат“ и опозицијата

Владејачките Ториевци се чини дека не се единствените кои ги „тресат“ скандали во внатрешноста на партијата. „Ал Џезира“ дојде до, како што ја нарекоа, „најголемата тајна во историјата на британската политика“, разоткривајќи како неизбраните функционери ја поткопувале демократијата во Лабуристичката партија.

Податоците до кои дојде „Ал Џезира“, вклучуваат документи, мејлови, видеа и аудио содржини кои датираат дури од 1998 година.

Во објавата се наведува како „партиските бирократи“, чија номинална функција треба да е интересот на партијата, се обиделе да ги „бутнат“ поддржувачите на Џереми Корбин.

Од опозицијата засега не ги коментираат објавите на популарниот медиум. Информацијата брзо се прошири низ британските медиуми, но и покрај тоа, оние кои го коментираа текстот на „Ал Џезира“ сметаат дека популарноста на Лабуристите и натаму може да продолжи да расте, бидејќи „сето тоа е во рацете на Ториевците“.
Иако растот во популарноста на Лабуристите не е случаен, интересно ќе биде како ќе се одвиваат настаните во британската политика и економија. Притисокот врз власта расте, а опозицијата тивко ги следи нивните потези.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот