Тито Петковски: Нема раскол во НСДП, има судир на неколку сопартијци со големи амбиции

тито петковски
Тито Петковски / Утрински брифинг

Има судир, но не и раскол во НСДП пред изборот на нов претседател на партијата на Конгресот кој треба да се оддржи на 4 јуни. Тоа е пуста желба на неколку сопартијци со големи амбиции, вели за „Слободен печат“ Тито Петковски, претседател на НСДП во заминување откако членови на Извршниот одбор на партијата информираа дека единствен кандидат за претседател ќе биде Горан Мисовски, а генералниот секретар и кандидат за нов лидер Кристијан Трајковски ни изјави дека не ја повлекува номинацијата.

Според Петковски, Соња Мираковска и Горан Мисовски се амбициозните кои без да ги почитуваат правилата, се обиделе да наметнат дека на Конгресот треба да се оди со еден кандидат и тоа да биде Мисовски. Петковски вели дека има 10 кандидатури за нов претседател на партијата, а Централниот одбор во сабота ќе пресече колкумина од кандидатите ќе влезат во трка за нов лидер.

-Извршниот одбор не функционира, туку Одборот за подготовка на Конгресот и тоа со одлука на последниот состанок на Централниот одбор. Донесени се правила за предлози за кандидати, односно беше отворена постапка пред општинските организации за предлози за кандидати за претседател, како и за Централниот и за Надзорниот одбор и го задолжи Одборот за подготовка на Конгресот да ги следи сите предлози и по завршувањето на постапката на Централниот одбор да му достави листа на кандидати за носители на функции – објаснува Петковски.

Тој додава дека биле усвоени правила кандидатите за претседател да достават и програма како ќе ја водат партијата идните четири години.

Според Петковски, на вчерашната седница на Одборот за организација на Конгресот биле утврдени сите документи и поминале кадровските решенија.

– Ги разгледавме сите предлози од општинските организации кои предложија 10 кандидати за претседател на НСДП. Речиси еднаква поддршка од општинските организации имаат Горан Мисовски и Кристијан Трајковски, со тоа што Трајковски доставил и кандидатура и програма за работа. Мисовски и останатите осум кандидати немаат доставено кандидатури и програми. На состанокот имаше различни ставови и предлози како да се одвива Конгресот. Соња Мираковска и Мисовски наметнаа дека треба да се оди со еден кандидат за претседател и тоа да биде Мисовски. Не помогнаа укажувањата дека тоа е надвор од правилата за утврдување на кандидатурите. Јас го водев Одборот и бидејќи имаше различни предлози го затворив состанокот без заклучок и со назнака дека Централниот одбор во сабота ќе ги утврди кандидатурите – вели Петковски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот