НСДП пред раскол? По Тито, Горан или Кристијан

Кристијан Трајковски и Горан Мисовски, Фото: СП/Архива

Соопштението на Извршниот одбор на НСДП дека Горан Мисовски ќе биде единствен кандидат за претседател на партијата на Конгресот кој е закажан за 4 јуни го сметам за несериозно, изјави за „Слободен печат“ Кристијан Трајковски, генерален секретар и кандидат за нов лидер на НСДП откако актуелниот Тито Петковски реши да се повлече од претседател на партијата. Ова навестува дека допрва ќе има раскол и потреси во владејачката НСДП, бидејќи дел од партиските функционери сметаат дека на Конгресот треба да има еден кандидат за претседател, додека други сметаат дека демократски е новиот лидер да се избере во конкуренција од најмалку двајца кандидати.

Трајковски, како што ни изјави, и покрај одлуката на Извршниот одбор, нема намера да ја повлече кандидатурата. Решавачки ќе биде состанокот на Централниот одбор на партијата закажан за в сабота, кој треба да пресече дали на Конгресот ќе се оди со еден или повеќе кандидати.

– Не ја повлекувам кандидатурата за претседател на НСДП. Верувам во демократскиот дух на функционирањето на општеството и на партијата. Досега, согласно правилникот на Централниот одбор, уредно само јас официјално имам поднесено кандидатура со програма за работа на партијата во идните четири години. Соопштението на ИО го сметам за крајно несериозно, бидејќи до Конгресот и изборот на нов претседател со партијата раководи актуелниот претседател Тито Петковски. И во општеството и во партијата верувам дека демократијата ќе победи – ни изјави Трајковски.

Тој е уверен дека на состанокот на ЦО ќе има појасна слика за тоа колку кандидати ќе влезат во трка за претседател на партијата.

НСДП соопшти дека Извршниот одбор за единствен кандидат за претседател на партијата го утврдил актуелниот пратеник и потпретседател на Собранието, Горан Мисовски.

„Извршниот одбор на НСДП на 26-тата седница одржана на 11 мај 2022 година врз основа на евидентираните предлози за претседател на НСДП од општинските организации, а согласно Правилникот за постапката, начинот и критериумите за кандидирање и избор на делегати за Петтиот Конгрес на НСДП, кандидати за претседател на НСДП и кандидати за членови на Централниот одбор и Надзорниот одбор на НСДП, на Централниот одбор на НСДП кој ќе се одржи на 14.5.2022 година му предлага да донесе Одлука за утврдување на единствен кандидат за претседател на НСДП: – Горан Мисовски, потпретседател на НСДП. Предлог-одлуката беше усвоена со мнозинство гласови, односно со 10 гласа ЗА од вкупно 17 члена на Извршниот одбор“, се наведува во партиското соопштение.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот