ТФТ имаше добар старт, но финишот беше кобен против Широки во финалето на АБА 2 лигата
Денеска во првиот натпревар од финалната серија во АБА 2 лигата кошаркарите на ТФТ Скопје загубија на гости против Широки Бријег со резултат 88:69.
Препорачано
Македонскиот претставник имаше добар, ветувачки старт, ја доби првата четвртина со 25:21, а потоа и втората со 19:16 и на пауза замина со предност од седум коша разлика (44:37).
Босанците во третиот период почнаа да ја топат негативата, успеаја и да направат пресврт и да го преземат водството кое стигна и до „плус шест“ (55:49).
Играчите на Боро Смилковски се вратија за момент повторно во минимална предност од 60:58, но пред стартот на последните 10 минути Широки беше тимот во водство (64:62).
И наместо да се одржуваат шансите за добар резултат на ова гостување и неизвесноста на овој меч, се случи несфатлив и голем пад во играта на ТФТ кој постигна само седум поени, а противникот дури 24.
За ТФТ најефикасен беше Ентони Говенс со 17 поени, а на спротивната страна 26 поени запиша МС Крири.
Вториот меч од финалето ќе се игра на 29 април кога ТФТ ќе биде домаќин во СРЦ „Кале“ – Скопје со почеток од 19.00 часот.


