„Тесла“ повеќе не е на врвот – кој ја презеде лидерската позиција на пазарот на електрични возила?
„Тесла“ ја изгуби титулата најголем производител на електрични возила во светот, откако продажбата на странските пазари беше погодена од силната конкуренција и политичките ставови на извршниот директор Илон Маск, објави Асошиејтед прес.
Препорачано
Од компанијата соопштија дека во 2025 година испорачале околу 1,64 милиони возила, што претставува пад од 9 отсто во споредба со 2024 година.
Во меѓувреме, кинескиот производител BYD, кој минатата година продаде 2,26 милиони електрични возила, ја презеде лидерската позиција на глобалниот пазар.
Во четвртиот квартал, „Тесла“ испорача 418.227 возила, што е под очекувањата на аналитичарите на FactSet, кои прогнозираа продажба од околу 440.000 возила. Вкупната продажба дополнително беше погодена од укинувањето на даночниот кредит од 7.500 долари, кој администрацијата на Доналд Трамп го повлече кон крајот на септември.
И покрај предизвиците, акциите на „Тесла“ ја завршија 2025 година со раст од околу 11 проценти. Инвеститорите остануваат оптимисти поради амбициите на Маск компанијата да ја позиционира како лидер во робо-такси услугите и развојот на хуманоидни роботи наменети за извршување основни задачи во домовите и канцелариите.
Акциите на „Тесла“ утрово пораснаа за речиси 2 проценти пред отворањето на берзата.


