Тешкиот живот на царицата Масако: Преживеала депресија, спонтан абортус и одбила да роди второ дете (ФОТО)

Profimedia

Новата јапонска царица Масако, која западните медиуми ја нарекуваа јапонската Дајана, во животот се соочила со многу искушенија, депресија, синдром за намалено прилагодување, бидејќи константно била во центарот на вниманието како членка на царското семејство.

Се образувала на „Харвард“ и на „Оксворд“. Со царот Нарухито, е во брак 25 години, а го запознала во 1986 година. Кога се омажила со него имала 30 години, солидно образование и можност за градење на одлична кариера.

Пред да се венчаат двапати го одбивала принцот Нарухито, а на крај поверувала во неговите зборови дека „да се биде принцеза е единствениот облик на дипломатија“.

Profimedia

На денот на венчавката Масако морала да ја следи традицијата и на завршната церемонија да носи кимоно од 13 килограми, додека на цивилната церемонија на склучување на бракот и таа и сопругот морале да ја менуваат облеката.

Profimedia

Додека новопечените сопружници се возеле во отворена лимузина, Масако блескала во белата венчаница со дијамантска тијара на главата. Меѓутоа, нејзините родители не смееле да бидат на церемонијата бидејќи биле селани, па венчавката ја гледале на телевизија.

Јапонците ѝ се поклонувале на новата принцеза, се чинело дека таа е отелотворение на новото време, способна за промена на монархијата на подобро. Времето поминало – монархијата не се сменила, но се сменил животот на Масако. Се соочила со депресија, спонтан абортус, стрес, забрана за самостојно движење, забрана за работа и на крајот „синдром за намалено прилагодување“, што е дијагноза за која докторите тврдат дека може да доведе и до желба за самоубиство.

Поради животот во САД, типичните особини од Западот, индивидуализмот и желбата за водство кај Масако ги замениле јапонската скромност, воздржливост и послушност.

На пример, таа го организирала училишниот женски софтбол тим, што во Јапонија во секоја смисла се смета за револуционерна и непристојна активност, бидејќи во тие години спортот се сметал за исклучиво машка окупација.

Мислела дека ќе биде успешна во дипломатијата, верувала дека со својата харизма и со знаењето ќе ја зголеми популарноста на својата земја во странство. Но праксата покажала дека тоа нема да оди во правец во кој замислила.

Кога сфатила дека нејзината улога почнува и завршува само со присуство на службените случувања, Масако брзо изгубила интерес за патувања од овој тип и едноставно одлучила да ги прескокне ваквите настани.

Кога елегантната облека од европските бутици почнала да ја заменува со традиционални јапонски кимона, нејзината насмевка станала премногу напната, а нејзините очи тажни и безживотни. Западните медиуми почнале да ја споредуваат со принцезата Дајана и за нејзината судбина да ја обвинуваат царското семејство.

Се нашла под нов притисок – да роди наследник. Меѓутоа, долго време не можела да забремени. Осум година по спонтаниот абортус ја родила принцезата Аико, која според законот нема право на наследување на престолот, бидејќи во Јапонија престолот го наследуваат машки потомци.

Иако поради здравствени причини категорично одбивала да роди второ дете, притисокот за наследник бил голем, поради што нејзината депресија само се влошувала. Нејзината ситуација станувала уште полоша поради строгите правила на палатата. Како сопруга на наследникот ѝ било забрането палатата да ја напушта самостојно, да има свое мислење, па дури и да комуницира со своите родители без да го информира царскиот суд.

Меѓутоа, принцезата почнала да ги менува обичаите. Барала поголема слобода, па почнала редовно и да ја добива. Во сè што правела Масако имала безрезервна поддршка од својот сопруг. Царот Нарухито јавно нагласил дека нема да прави избор меѓу второ дете и здравјето на својата сопруга. Нарухито и Масако не добија машки наследник, ја имаат 17-годишната ќерка Аико.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот