Избори, листи Фото: Драган Митрески „Слободен печат“

Теоретски 1.800.000 граѓани можат да бидат кандидати за градоначалници, Собраниски бесни глисти со независните листи

Можна е злоупотреба на кандидатури, километарски гласачки ливчиња, пробивање на роковите за пребројување на гласовите и за објавување на изборните резултати, неможност за рамномерно медиумско претставување на кандидатите… Крајните сомнежи се дека целиот хаос што се направи со независните кандидатури е оспорување на легитимноста на локалните избори.

Може 1.800.000 граѓани да се јават како независни кандидати за градоначалници и за советници, колку што има избирачи на локалните избори, закажани за 19 октомври, и да се создаде вистински изборен хаос? Ова е пластичен приказ на можните проблеми со кои може да се соочи ДИК, но и граѓаните на претстојните локални избори, откако Собранието не утврди праг на потребни потписи за независните листи, а ДИК со упатство утврди дека за независните кандидатури се потребни само два потписи.
Можна е злоупотреба на кандидатури, километарски гласачки ливчиња, пробивање на роковите за пребројување на гласовите и за објавување на изборните резултати, неможност за рамномерно медиумско претставување на кандидатите, па дури и изборите некои да ги сфатат како бизнис и можност да спечалат, зашто за освоен глас се заработува 45 денари. Крајните сомнежи се дека целиот хаос што се направи со независните кандидатури е оспорување на легитимноста на локалните избори.

Витановски: Собранието, а не ДИК е виновно за настанатата ситуација

Поранешниот член на ДИК Јанаке Витановски за „Слободен печат“ вели дека Собранието, а не ДИК е виновно за настанатата ситуација, зашто не успеа да ги донесе измените на Изборниот законик со кои ќе се одредеше рамка за учество на независните на изборите, откако Уставниот суд укина две одредби од Законикот.

Јанаке Витановски Фото: Фејсбук Витановски

– Се плашам дека оваа празнина ќе се злоупотреби во изборниот процес, односно дека сега може 1.800.000 граѓани да се јават како независни кандидати за советници и за градоначалници, бидејќи за кандидатурите нема потреба од потписи. Тоа ќе направи хаос во ДИК, зашто сега на едно гласачко ливче за советници, односно за градоначалници може да се јават 100, 200, 500 луѓе, да кажам авантуристи, колку да им се спомне името, а тоа ќе го обремени гласачкото ливче кое може да биде долго два метра. Гласачот, пак, кога ќе треба да избира, ќе се изгуби во гласачкото ливче. Тоа ќе биде проблем и за ДИК и за гласачите. Мораше да има некоја рамка за кандидатурите на независните. Ова ќе ја отежни работата на избирачките одбори, зашто тие ќе треба да ги сумираат резултатите, како и на општинските изборни комисиии, зашто тие се главни за локалните избори. Ако се пријават многумина, изборниот процес ќе трае подолго и тие резултати нема да се објават во законскиот рок. Ќе има приговори до општнските изборни комисии, може некој да ги оспори изборите – вели Витановски.

Експретседателот на ДИК Александар Новаковски во изјава за „Слободен печат“ веќе предупреди дека ако не се утврди рамка за настап на независните, ни претстои изборно цунами.

 

Нови партии е автентичниот одговор на независните

– Ако остане вака и не се регулира, тогаш секој ќе може да се кандидира. ДИК ќе се најде во најлоша состојба, зашто ќе има енормен број кандидати, некои ќе злоупотребуваат и ќе стане еден невиден хаос во целиот изборен процес. Од печатење гласачки ливчиња, до набљудувачи, ќе биде цунами – ни изјави неодамна Новаковски.

И професорот по управно право Борче Давитковски ни рече дека „најавата на ДИК тоа да го реши со правилник може да предизвика илјадници да се јават и избирачкото ливче да биде километарско. Ќе се создаде „каша-попара“ и некој, ако е незадоволен, ќе го урне законот, дури и изборите ќе ги прогласи за нелегитимни и нелегални.

 „Шанса за Центар“ се плаши од двојник на Билјана Ивановска

За да не влезат во замката на пратениците, дел од независните почнаа постапка за формирање партии. Платформата „Независни заедно“ во која се „Шанса за Центар“, „Платформа 398“, и „Зелените за Гази Баба“, како и „Зелен хуман град“ не ги пишмани одлуката на ДИК – дека се потребни само два потписа, па на изборите планираат да настапат како партии.

Независни заедно Фото: Слободен печат/Слободан Ѓуриќ

– Овој Правилник ќе важи само за овие избори. Не сакаме повеќе неизвесност „пет до дванаесет“. Ќе продолжи примената на членот од законот според кој независните групи ќе бидат претставени само со имињата на носителите на листите, наместо со називот на групата, односно ќе стои „група избирачи“ и името и презимето на носителот на листата. Ова отвора можност да се појават слични имиња, со цел да се создаде забуна кај гласачите. Пример: Билјана Ивановска и Биљана Ивановска. Ова веќе се случувало на претходни избори – соопшти „Шанса за центар“.

Тие додаваат дека постои можност наместо јасна листа за гласање, да добијат тетратка со голем број имиња, каде партиите ќе бидат најгоре, а под нив ќе следат долги списоци со имиња.  Исто така, пристапот до медиумите, избирачкиот список и другите ресурси со кои располагаат партиите останува непроменет.

Илиевска сама во битка за „поуба“ Битола

Габриела Илиевска од независната граѓанска иницијатива „Поинаку“ и актуелна претседателка на Советот на Општина Битола, објави дека како независна ќе се кандидира за градоначалничка на Битола.

– По сите шпекулации, написи, приказни, плукања, честитки, еве да расчистиме. Ве повикувам сите битолчани, без разлика дали сте симпатизери или членови на која било политичка партија, гласачи досегашни на која било политичка опција, досегашни негласачи, сите кои сакате да живееме во поуба, почиста, непартиска, независна Битола, да ме поддржите за независен кандидат за градоначалник и да се приклучите кон фронт против 30 и кусур годишното запоставување на градот – повика  Илиевска.

Габриела Илиевска Фото: Илиевска Фејсбук

Откако викендов Собранието не обезбеди Бадентерово мнозинство за измени на Изборниот законик и не помина предлогот независните да соберат 0,5 отсто потписи од запишаните избирачи за кандидатура на локалните избори, ДИК прексиноќа донесе правилник со кој се предвидува независните граѓански иницијатива да можат да учествуваат на изборите со собрани два потписа.

Според поранешниот член на ДИК Витановски, ДИК не е виновна, туку вината е кај Парламентот.

– Иако знаеме дека Изборниот законик треба да се носи шест месеци пред избори, кај нас стана практика тој да се носи во 5 до 12. Се надевав дека Собранието ќе стави рамка колку минимално се потребни потписи за да може некој да се кандидира за градоначалник или за советник. Собранието свика седница, но таа испадна игри без граници, а прашањетто остана нерешено. Сметам дека ДИК правилно постапи оти не менува ништо во законот, само го спроведува тоа што остана од членовите од Изборниот законик – вели Витановски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот