Независни Фото: Фејсбук Борјан Јовановски

Нови партии е автентичниот одговор на независните

Независните, откако неколку месеци алармираат да се уреди нивното учество на изборите, веќе не веруваат ни на Собранието, кое предложи повисок праг за потписи од тие што ги укина Уставниот суд, ни на Владата каде што е заглавено автентичното толкување, ни на ДИК, која тврди дека и без потписи независните ќе можат да одат на избори.

Премиерот Христијан Мицкоски го „заборави“ мислењето на Владата за автентично толкување на Изборниот законик во делот на потписите за независните листи за локалните избори, но ја прозва Државната изборна комисија (ДИК) да донесе правилник за кандидатурите на независните. И додека и Мицкоски и ДИК се децидни дека не е загрозено правото на независните за учество на изборите откако Уставниот суд укина две одредби што се однесуваа на потребниот број потписи, независните одбиваат да бидат изманипулирани и на локалните ќе настапат како партии ако ги соберат потребните 1.000 потписи. Освен „Зелен хуман град“, продолжуваат да собираат потписи и „Шанса за центар“, „Независни за Карпош“ и „Зелените од Гази Баба“, кои на изборите ќе настапат како партија „Независни заедно“. Очекуваат да им се приклучат уште три граѓански иницијативи.

Молк од Владата за автентичното толкување

Од Владата не ни одговорија дали е изготвено мислењето за автентично толкување на Изборниот законик, кое пред еден месец во име на независните го достави пратеничката Моника Зајкова од ЛДП. Претседателот на Собранието Африм Гаши за „Слободен печат“ изјави дека сè уште не добиле ништо од Владата за Изборниот законик. И независните немаат никаква информација за автентичното толкување.

– За мене е апсурден целиот тој процес. Законодавниот дом, тој што ги носи законите, да бара дозвола од извршната власт за да го толкува сопствениот закон. Тоа е апсурдно и нема никаква смисла, но е уште еден чекор што е поставен како контрола за да може да се блокира целиот овој процес – вели Горјан Јовановски од „Зелен хуман град“.

Христијан Мицкоски Фото: Фејсбук Мицкоски

Премиерот смета дека ставањето вон сила на Упатството на ДИК од 2024 година за регулирање на постапката за собирање потписи и начинот на определување на нотарите во согласност со Изборниот законик не го нарушува изборниот процес. Тој додаде дека ДИК има законска обврска да донесе ново упатство, а какво ќе биде тоа, ќе зависи од Комисијата.

– Сега, во овој случај одлуката е кај ДИК. Таа има механизам и членовите може да го донесат во својот правилник. Ќе си донесат нов правилник – рече Мицкоски.

Прашан дали тоа би значело дека независните кандидати повторно ќе треба да собираат потписи за учество на изборите, премиерот рече дека тоа прашање како би изгледал новиот правилник, треба да се постави на ДИК.

– Тие, бидејќи го ставија стариот вон сила, во согласност со законските надлежности носат нов, така што ништо не е доведено под прашалник – рече премиерот.

Мицкоски се вади на ДУИ

Мицкоски повтори дека измените на Изборниот законик се заглавени во Собранието поради нереално барање на ДУИ.

– Изборниот законик е завршен и неколку месеци е во собраниска процедура. Колку што знам, тој е блокиран од една опозициска партија поради барања што немаат никаква логика, ниту, пак, некаде во светот се применуваат такви барања. Едно од барањата е кој било член во ДИК, без разлика на мнозинството, да стави вето, и тоа да е апсолутно. Такво нешто ниту постои, ниту некаде е видено во светската практика. Со други зборови, не сакаат да се донесе овој Изборен законик. Но, доколку постои политичка волја, ние како владина коалиција сме апсолутно подготвени утре да се стави оваа точка на дневен ред и да се заврши со тоа – рече Мицкоски.

Тој повтори дека измените на Изборниот законик се усогласени од сите парламентарни партии, со исклучок на една, и дека тој е еден од тие неколкуте закони што можат да бидат блокирани со филибастеринг.

Дик нов состав/
Фото: Слободен печат / Слободан Ѓуриќ

ДИК на седницата во изминатиот викенд го усвои заклучокот со кој вон сила се става Упатството на ДИК од 2024 година за регулирање на постапката за собирање потписи. Како што рече претседателот на ДИК Борис Кондарко, тоа упатство за регулирање на постапката за собирање потписи се става вон сила поради одлуката на Уставниот суд со која се укинати членови 61 и 62 од Изборниот законик, каде што е предвиден број/процент на потписи за предлагање листи на група избирачи.
Кондарко за „Слободен печат“ изјави дека ДИК на првата наредна седница ќе го прецизира упатството, односно дека независните без да соберат потписи, ќе може да учествуваат на локалните избори.

– ДИК веќе се изјасни дека правото за учество на група избирачи е дадено директно со законот, и тоа за ДИК е неспорно и нема што да се одлучува, туку ќе се применува членот 60. Во законот не постои само условот за бројот на потписи потребни за кандидирање. Поради тоа, ДИК на првата наредна седница ќе го прецизира Упатството за поднесување листи во смисла на примена на член 60 и учество на група избирачи без собирање потписи – ни изјави Кондарко.

Независните, пак, откако неколку месеци алармираат да се уреди нивното учество на изборите, веќе не веруваат ни на Собранието кое предложи повисок праг за потписи од тие што ги укина Уставниот суд, ни на Владата каде што е заглавено автентичното толкување, ни на ДИК, која тврди дека без потписи ќе можат да одат на избори. Затоа отпочнаа процес на формирање партии.

Горјан Јовановски Фото: Фејсбук Зелен хуман град

– Ние како „Зелен хуман град“ уште повеќе сме решени да формираме партијата за да може да настапиме на локалните избори. Последните случувања само го потврдуваат фактот дека партиите од Собранието и сите нивни луѓе во државните институции продолжуваат да си играат со нас како со мали деца. Денес важи едно, утре важи друго, па може ќе се уреди, може нема, може ќе има закон, а може и нема. Остануваме на фактот дека единствената безбедна опција за ние да се осигуриме дека ќе имаме можност да настапиме на локалните избори е формирање на оваа техничка партија и децидни сме дека тоа ќе биде нашиот пат напред за да оневозможиме да си играат со нас – вели Јовановски за „Слободен печат“.

Јана Белчева од „Шанса за Центар“ најави дека три граѓански иницијативи решиле да формираат партија и дека очекуваат да им се приклучат уште три.

Невладини Фото: СДК.мк

– Нашиот став е дека сме тргнале во нешто на што ќе останеме посветени докрај, а тоа е да собереме 1.000 потписи, кои ќе ни овозможат да регистрираме партија „Независни заедно“, со што веќе нема да бидеме подложни на никакви конфузии, нејаснотии за настап на изборите ниту сега ниту во иднина. Во нашите групи е акумулирано долгогодишно знаење, посветеност и искуство што сакаме да го вложиме во заедницата. Ова што сега се случува е креирање конфузија, нејаснотии со кои само сакаат да ни ја истрошат енергијата, да нè исцедат и да се дефокусира јавноста наместо да ги гледа случувањата на терен за квалитетот на животот што секојдневно опаѓа, за безбедноста на луѓето. Целта им е дефокус со теми дали независните имаат или немаат право, дали ќе се донесе ново упатство или ќе се менува Изборниот законик итн. – вели Белчева.

И таа и Јовановски апелираат граѓаните да ги дадат своите потписи за да формираат партии.
Според ова, и покрај најавата на Кондарко дека и без потписи група избирачи ќе може да учествуваат на изборите, неизвесно е дали на локалните избори (19 октомври – 2 ноември) воопшто ќе има независни листи.
На последните локални избори учествуваа 57 независни листи со кандидати за советници во 40 општини.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот