Тендер од провинцијата Хенан открива: Новинарите и студентите во Кина под уште поостар надзор од Големиот брат

кина безбедносни камери
На секоја улична светилка по неколку камери на плоштадот Тјананмен во Пекинг / Фото: EPA-EFE/ROMAN PILIPEY

Сомнителните лица мора да бидат следени и контролирани, да се направи динамичка истрага и проценка на ризикот и односот кон новинарите ќе биде согласно нивната категорија, наведено е во документот

Најголемите кинески провинции веќе нарачале нови систем за набљудување, со кои полесно и поефикасно може да следат сомнителни лица, особено новинари и странски студенти, објави агенцијата Ројтерс, врз основа на тендерска документација до која имале пристап.

Провинциските власти во Хенан на 29 јули објавиле конкурс во кој се бара новиот систем за набљудување да има 3.000 камери со способност за препознавање лица, за издвојување податоци за избрани лица и за вкрстување на податоците со национални и регионални бази. Договорот во вредност од 5 милиони јуани (околу 780.000 долари) ѝ бил доделен на кинеската компанија „Неусофт“ на 17 септември, со обврска системот да биде поставен во рок од два месеца. Ројтерс нема информации дали системот е поставен и бил оперативен во предвидениот рок. Ниту властите во Хенан ниту раководството на „Неусофт“ не одговориле на барањата да ја коментираат веста на Ројтерс.

Низ Кина веќе е поставена една од најразгранетите мрежи за следење лица во светот, која опфаќа милиони камери на јавни места, со сензори за следење сигнали од мобилни телефони и за препознавање лица.

Демонстранти во Хонг Конг со чадори ги покриваат безбедносните камери/Фото: EPA-EFE/ROMAN PILIPEY

Американската компанија „ИПВМ“, која прва стигнала до детали од конкурсот во Хенан, објаснува дека во тендерот специфично е наведена целта да се следат новинари, при што на службите за јавна безбедност им се даваат препораки како „брзо да се лоцираат целите и да им се попречи работата“.

– Овој документ ја илустрира првата позната намера да изгради специфична безбедносна технологија за насочување државен притисок кон новинарите – изјави Доналд Маје, шеф за операции во „ИПВМ“.

Во тендерската документација на речиси 200 страници од Одделението за јавна безбедност на Хенан не се наведени причините зошто треба да се следат новинари или странски студенти. Меѓу категориите од особен интерес се и „жените од соседните земји што не се легални резиденти“.

Во спецификацијата е наведено дека системот „мора да биде способни да води релативно прецизни досиеја за лицата чии лица се делумно прекриени со маски или очила“. Податоците за луѓето од целните категории „мора да бидат лесно достапни со едноставно внесување фотографија или основните атрибути на лицето“.

Системот ќе го оперираат најмалку 2.000 службеници и полициски офицери. Во документацијата е наведено дека „на платформата ќе бидат поврзани и низа провинциски полициски служби“, за да можат итно да реагираат ако добијат предупредување од системот.

– Предупредувања ќе бидат испратени ако, додека е во Хенан, некој новинар се пријави во хотел, купи билет или ако премине провинциска граница. Сомнителните лица мора да бидат следени и контролирани, да се направи динамичка истрага и проценка на ризикот и односот кон новинарите ќе биде согласно нивната категорија – наведено е во документот.  Новинарите треба да бидат поделени во три категории – црвена, жолта и зелена – согласно „степенот на ризик“.

Соодветни препораки има и за другите целни групи. За странските студенти е наведено дека системот мора да овозможи следење на нивното движење преку разни методи, како закажани патувања и одредување на локацијата на нивните мобилни телефони. Притоа се издвоени деновите на национални празници или на годишната сесија на парламентот.

– На чувствителните датуми се покренува механизмот за рано предупредување – се наведува во документот што бил на увид на Ројтерс.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот