Темелно исчистите го душекот без вода или хемикалии со оваа рутина од шест чекори
Една личност поминува околу една третина од животот спиејќи, поради што е исклучително важно спалната соба да биде свежа и пријатна. Иако задачите како редовно перење на постелнината се вообичаени, одржувањето на самиот душек е подеднакво важно за квалитетен и здрав сон.
Препорачано
Еден корисник на „Редит“ сподели шест едноставни чекори со кои значително ја подобрил хигиената на својот душек и свежината на воздухот во спалната соба. Признава дека порано не му посветувал доволно внимание на душекот и дека со текот на времето во него се наталожиле прашина, мртви клетки од кожа и грини. Пресвртниот момент настанал кога неговата партнерка забележала влошување на алергиите по ноќ помината во неговиот кревет, пренесува „Експрес“.
Иако реакцијата не била сериозна, тој почнал да забележува дека воздухот во собата е застоен и непријатен, дури и по промена на постелнината. Затоа побарал начин како да го исчисти душекот без употреба на вода и хемикалии и открил дека редовното правосмукање може да направи голема разлика.
Шест чекори за чист и свеж душек
1. Подготовка на душекот
Целосно отстранете ја постелнината за површината на душекот да биде целосно изложена.
2. Темелно чистење со правосмукалка
Со наставок со мека четка, бавно шмукајте ја целата површина од горе надолу, со преклопување на потезите.
3. Чистење на шевовите и рабовите
Со тесен наставок од правосмукалката поминете по рабовите и шевовите, каде што се собира најмногу прашина.
4. Длабинско чистење
Еднаш или двапати месечно користете правосмукалка за душеци со вибрациона функција за отстранување на ситната прашина од внатрешноста.
5. Ротирање на душекот
Редовно вртете го душекот за рамномерно трошење и спречување таложење влага и прашина.
6. Брзо неделно освежување
Еднаш неделно кратко правосмукајте ја површината на душекот за да спречите повторно длабоко таложење на прашина.
Дополнително, се препорачува редовно проветрување на просторијата, користење заштитна навлака за душекот и одржување соодветна влажност во спалната соба.
По воведувањето на оваа рутина, корисникот на „Редит“ вели дека забележал почист душек, посвеж воздух и значително намалени симптоми на алергија, истакнувајќи дека чистењето на душекот влијае не само на хигиената, туку и на целокупниот квалитет на воздухот во просторијата.


