Тејлор Свифт / Фото: EPA

Тејлор Свифт стана најбогатата музичарка во историјата, нејзиното богатство достигна 2 милијарди долари

Американската пејачка Тејлор Свифт стана најбогатата музичарка во историјата, откако нејзиното богатство достигна 2 милијарди долари, објави „Форбс“.

Новата проценка е дел од листата „Иконокласт 50“, која ги издвојува највлијателните личности од светот на бизнисот, технологијата, медиумите, забавата и филантропијата.

Според „Форбс“, богатството на Свифт значително пораснало благодарение на нејзината турнеја „Ерас“, која стана концертна турнеја со најголема заработка во историјата. Турнејата, која се одржуваше во 2023 и 2024 година, оствари приходи од 2,2 милијарди долари.

Покрај концертите, голем придонес за нејзиниот финансиски успех имаа и албумите „The Tortured Poets Department“ и „The Life of a Showgirl“, како и повторните изданија на нејзините постари албуми.

Тејлор Свифт за време на нејзината концертна турнеја „Ерас“ / Фото: EPA

Борбата за сопствената музика

„Форбс“ посочува дека Свифт оставила силен белег врз музичката индустрија кога одлучила повторно да ги сними своите стари албуми. Тоа се случи откако ги загуби правата врз оригиналните мастер-снимки на своите први шест студиски изданија.

Наместо да се помири со ситуацијата, пејачката започна амбициозен проект за повторно снимање на албумите, кои ги објавува под ознаката „Верзијата на Тејлор“. Со овој потег таа повторно стекна контрола врз сопствената музика и ги задржа приходите од новите изданија.

Тејлор Свифт со нејзините албуми / Фото: Инстаграм/Тејлор Свифт

Според „Форбс“, успехот на овој проект инспирирал и други музичари да посветат поголемо внимание на сопственоста врз своите дела и авторските права.

Благодарение на заработката од турнејата, Свифт подоцна успеала да ги откупи и оригиналните мастер-снимки за сума која се проценува на околу 360 милиони долари.

Од кантри пејачка до глобален феномен

Кариерата на Тејлор Свифт започна во кантри музиката, но со текот на годините таа прерасна во една од највлијателните и најуспешни музички ѕвезди во светот.

Нејзините албуми редовно поставуваат рекорди на топ-листите, а таа е една од ретките музичари што успеаја да останат на врвот повеќе од две децении. Покрај музиката, Свифт има огромно влијание врз модата, поп-културата и музичкиот бизнис.

Тејлор Свифт / Фото: EPA

Иако сега е најбогатата жена во музичката индустрија, таа сè уште не е и најбогатиот жив музичар. Според „Форбс“, на врвот на таа листа и понатаму се наоѓа раперот Џеј-Зи, чие богатство се проценува на 2,8 милијарди долари.

Во меѓувреме, Свифт продолжува со нови проекти. Деновиве ќе ја објави песната „I Knew It, I Knew You“, создадена за претстојниот анимиран филм „Приказна за играчките 5“, а следната недела ќе биде примена во Куќата на славните на текстописците.

Според американските медиуми, во текот на летото се очекува и нејзината венчавка со НФЛ-ѕвездата Тревис Келси.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот