Театарскиот перформанс „Лилит“ ќе има изведба во КСП „Центар-Јадро“ во Скопје

Плакат за театарскиот перформанс „Лилит“

Перформансот „Лилит“ е првата фаза од театарското истражување насловено „Notebook of Silence“, соработка помеѓу Алесандро Ола, Јасмина Билаловиќ и Јелена Вуксановиќ.

Проектот е замислен во различни фази кои оживуваат, во различни контексти, простори и кои вклучуваат различни соработници низ целиот тек на истражувањето. Изведбата на перформансот ќе се одржи на 22 февруари, во 20 часот, во КСП „Центар-Јадро“.

Првата фаза од реализацијата е базирана на текстот на Ришард Ниечим и неговото повеќедецениско искуство на соработка со неговиот некогашен учител Гротовски, како во театарската работа (со професионални актери), така и во паратеатарската работа во која Гротовски и неговите соработници тежнеат да пресечат со ексклузивноста на театарските истражувања и да ги отворат за нови групи учесници од различни професии и позадини.

Актерката Јасмина Билаловиќ го заснова своето истражување на нејзиниот повеќегодишен тренинг со Ришард Ниечим, базиран на звучење (Sounding).

Звучење (Sounding) е наутички термин кој се користи за истражување на длабочините на сликите во јазикот и човечкото тело, во движење и одмор; поконкретно, „sounding“ значи да се прозвучат длабочините на сликите во енергетските центри на човечкото тело и да се истражуваат архетипските длабочини на мистериозното несвесно.

– Драмскиот текст е искористен на минималистички начин, каде ликот на Лилит се користи како основа за градење на архетипот на женска фигура отфрлена од општеството поради тоа што ги одбива и преиспитува традиционалните, конзервативни вредности. Таа е заробена во вечен простор, сè уште верна на својата бескрајно бунтовна природа, но на моменти обремента од судовите на светот. Ние набљудуваме и сме сведоци на различните фази кои водат до нејзиното прифаќање на себе си во тоталитет, без да се стишува или да се моделира според она што се очекува од неа. Таа на крај го прифаќа тоа што е, а со тоа се прифаќаа себе си и конечно може да ја напушти старата, зададена, улога, ослободена од товарот на срам и вина – стои во драматуршката белешка за перформансот.

По текстови на Ришард Ниечим, драматургијата и режијата се на Јелена Вуксановиќ, асистент на проектот е Симона Димковска, а игра Јасмина Билаловиќ.

Композитори на музиката се Алесандро Ола и Маја Стајнберг, сценографијата ја подготви Мартин Манев, а костимите се на Павел Маслов. Проектот е поддржан од Министерството за култура на Република Северна Македонијa и Амбасадата на Швајцаријa.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот